Фото: mkd.basketball

Младинците загубија убедливо од Шведска на Европското првенство

Машката младинска кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе вториот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава, Словачка. Во натпреварот од четвртото коло во групата „А“, подобра беше селекцијата на Шведска, која со победата од 86:64 го потврди првото место во групата.

Македонските младинци влегоа мотивирано во дуелот со досега непоразениот противник, но Швеѓаните уште во првото полувреме успеаја да ја наметнат својата препознатлива игра. Првата четвртина ја добија со 23:16, а со уште една речиси идентична (22:16) на паузата заминаа со двоцифрена предност од 45:32.

Во продолжението, лидерот во групата дополнително го засили ритамот. Со агресивна одбрана и сигурна реализација, Шведска постепено ја зголемуваше предноста, која на крајот од третата четвртина достигна и 31 поен (72:41), со што практично ги разреши сите дилеми околу победникот.

Во нашата селекција, Луканоски запиша дабл-дабл учинок, нашиот стартен центар дојде до 15 поени и 13 скокови. За кратко време, во вториот дел од играта Димовски даде девет поени, еден помалку постигна Марјановиќ. Ќириловски остана на седумте поени од првото полувреме, а Трајанов заврши со шест реализирани поени.

За Македонија сега следува натпреварот кој ќе го затвори настапот во групната фаза. Утре (15 јули), со почеток од 21.00 часот, избраниците на селекторот Никола Велев ќе се сретнат со Азербејџан во дуел што ќе биде од голема важност за конечниот пласман во групата „А“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот