Платформа за родова еднаквост: Црквата ја зацврстува својата моќ преку зачувување на шовинистички вредности со кои жените се подредени на мажите

МПЦ/ Фото: МИА

Трибината што се одржа во петокот во Струмица на тема „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“, а во организација на Македонската православна црква заговара против Законот за родова еднаквост и воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата. Според Платформата за родова еднаковст ваквото делување на црквата е антиженско, антихуманистичко и противуставно бидејќи претставува замешување на религијата во донесувањето на законите.

Со ваквото делување се напаѓа уставниот поредок според кој Северна Македонија е секуларна држава, што значи дека МПЦ или која било друга верска организација не треба да се впушта во обликување на закони и политики кои не го уредуваат работењето на верските заедници, реагира Платформата и додаваат дека МПЦ уште повеќе се етаблира како организација која шири мизогонија и се залага за зачувување и реафирмирање на подредената улога на жената во општеството.

Епископот оди дотаму што го оспорува самиот термин родова еднаквост! Оттука, логично произлегува заклучокот дека според црквата мажите и жените не се еднакви, па не треба да се донесуваат закони кои ја гарантираат нивната еднаквост. Идејата дека жените и мажите не се еднакви е во коренот на тврдењето дека борбата за родова еднаквост претставува наметнување на идеологија, наместо природно и уставно гарантирано право на секој човек. Идејата дека родот и полот се бинарни и дека, според тоа, луѓето припаѓаат само на една или на друга категорија (маж или жена), е основата врз која се гради идејата за родова нееднаквост, за дијаметралната спротивност на мажите и жените и за централната улога на мажот во општеството – наспроти помошната улога на жената која се дефинира преку репродуктивната функција, се наведува во реакцијата.

Потенцираат дека Црквата не го прави ова без интерес, а афирмирањето и зачувувањето на шовинистичките вредности според кои жените им се подредени на мажите, и овозможуваат на Црквата да ја зацврстува својата политичка и економска моќ, преку ширење религиозни догми, манипулација со стравовите на луѓето и контролирање на политичкиот дискурс. Исто така, велат дека кога Црквата се меша во донесување закони, значи дека заговара за решенија кои нејзе ќе и донесат повеќе моќ.

Користењето на религијата за зацврстување и одржување на привилегиите и политичката моќ претставува религиозен фундаментализам. Слободата на вероисповест не претставува слобода за фундаменталистичко делување! Религиозниот фундаментализам против родовата еднаквост во демократско општество мора да се ограничи за да може да се гарантираат правата на сите граѓани. Жените, мажите, трансродовите луѓе, луѓето со различни родови идентитети не се идеологија, туку луѓе чии права мора да се гарантираат и соодветно да се заштитат, посочуваат од Платформата.

Го осудија и учеството на избрани претставници во локалната самоуправа и Советот на Град Струмица, оценувајќи го како скандалозно.

Со своето присуство му дадоа легитимитет на форумот како база за линчување на активистки и неистомисленци и за поттикнување на омраза, со што се загрозува не само личната безбедност туку и безбедноста и интегритетот на граѓанските организации кои работат на промоција на родовата еднаквост и демократизацијата на државата во процесот на пристапување кон ЕУ, се наведува во соопштението.

Посочуваат дека од една страна централната власт – СДСМ, се обврзува да работи на промовирање и униапредување на родовата еднаквост, а од друга страна локалната власт во Струмица предводена од истата партија присуствува на вакви настани.

За настанот реагираше и Министерството за труд и социјална политика.

Ваквите ставови изнесени на трибината го враќаат општеството назад, не придонесуваат за подобар квалитет на живеење туку водат кон зајакнување на стереотипите и предрасудите, кон говор на омраза, дискриминација и ксенофобија, велат од МТСП.

Додаваат дека тенденцијата на овој закон е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството. За наративот против родовата еднаквост вклучително и сексуалното образование, велат дека е манипулирање на реалноста и илузија за враќање на патријархалните сфаќања, неприфаќање на различностите и наметнување на дискриминирачки ставови за различноста.

Сексуалното образование во училиштата ќе овозможи поддршка на младите во созревањето, да изградат сопствен систем на вредности и самопочит што ќе им овозможи да носат одговорни одлуки и да се однесуваат одговорно, да се спречи предвремени и незаштитени сексуални односи, да се превенираат бројните несакани последици од незнаење и предрасуди, злоупотреба и насилство и да придонесе за развој на толерантни и квалитетни односи помеѓу момчињата и девојчињата засновани на меѓусебна почит, заклучија од Министерството.

На трибината што се одржа во саботата, епископот Јаков Стобиски се изјасни дека е загрижен од Предлог-законот за родова еднаквост, а според него, тој  носи голема опасност за општеството и основните човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот