Фото: Општина Бутел

По маркичката се знае дали кучето е „скопско“, најмногу се носат од селата

Во текот на 2025 година на територијата на Скопје биле заловени вкупно 1.006 улични кучиња, кои по заловувањето добиле целосен третман, односно стерилизација, вакцинација, чипирање и други прегледи, по што повторно биле вратени назад на локацијата од која биле подигнати

Неколку денови откако независната советничка во Општина Карпош Татјана Стојановска сподели фотографија од глутница кучиња во паркчето спроти трговскиот центар „Сити мол“ за кои заедно со Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ тврдеа дека се донесени од друга локација, заловувачите од ЈП „Лајка“ досега на оваа локација уловиле вкупно седум улични животни.

ФОТО | Чопор улични кучиња кај „Сити мол“, карпошани тврдат дека се донесени од друга локација

Оваа информација за „Слободен печат“ ја сподели директорката на претпријатието Радмила Пешева, која вели дека заловувачите од претпријатието секој ден патролираат на оваа локација во Карпош, која во изминатите два месеца, како што вели директорката, е станата вистински „хотспот“ за улични кучиња бидејќи оттаму пристигнувале најмногу пријави до претпријатието, а до денес, спроти „Сити мол“ се уловени 26 кучиња.

– Значи од понеделникот до денес, од локацијата во Карпош се заловени седум кучиња. И во континуитет, секој ден ја посетуваме таа локација – вели Пешева.

Претходно, од „Лајка“ истакнаа дека од паркчето спроти „Сити мол“ во текот на изминатите два месеци биле уловени дури 19 кучиња, со што се потврдуваат ставовите на карпошани дека овие кучиња се „нови“ и донесени од некоја друга локација, како и ставот на здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, од каде што итно побараа темелна истрага за, како што велат, сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање кучиња на територијата на Скопје.

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

– Само во изминатите два месеци, од истата локација се заловени вкупно 19 кучиња. И покрај тоа, континуирано се соочуваме со појава на нови кучиња на истата територија, што укажува на сериозен сомнеж дека одредени лица или субјекти организирано вршат дислокација на бездомни кучиња во Скопје, наместо да преземат законски и хумани мерки за нивен третман во општините од каде потекнуваат. Оваа практика е недозволива, нехумана и опасна – велат од „Лајка“.

Секое заловено куче се третира еднакво

Директорката потенцираше дека во текот на 2025 година заклучно со новонастанатото „жариште“ во Карпош, на територија на Скопје биле заловени вкупно 1.006 улични кучиња, кои по заловувањето добиле целосен третман, односно стерилизација, вакцинација, чипирање и други прегледи, по што повторно биле вратени назад на локацијата од која биле подигнати.

– Сите кучиња кога ќе бидат уловени, поминуваат тестови за агресивност и за социјализација, кои се прават кај нас од сертифицирани професионалци. Според нашето искуство, 99 проценти од кучињата, како груба процена, успешно го поминуваат тестот за социјализација. Значи, реално немаме агресивни кучиња и следствено на тоа, здрави, вакцинирани за беснило, третирани од надворешни и внатрешни паразити, кастрирани и стерилизирани и со поминат тест за социјализација ги враќаме на локацијата од каде што се заловени. Значи, тоа е нашата програма и тоа треба да го правиме масовно и брзо – брифира таа за „Слободен печат“.

„Лајка“ моментално располага со шест заловувачи, кои работат во два тима и со две возила на територија на Скопје.

Агресивните кучиња не се враќаат на улица

Директорката тврди дека иако поголемиот дел од заловените кучиња успешно ја минуваат програмата на „Лајка“, мал дел од кучињата што се екстремно агресивни и не успеваат да бидат „смирени“, остануваат да живеат во стационарот на претпријатието и не се враќаат назад на улиците.

– „Лајка“ единствено ги задржува и ги чува кучињата што не се снаоѓаат на улиците и се проблематични бидејќи реагираат агресивно на автомобили, велосипеди, пешаци и слично. Тие се чуваат кај нас во стационарот и тоа се кучиња што извршиле некаков напад или некои премногу територијални што континуирано напаѓаат на улиците – вели Пешева.

Иако се агресивни, тие не се лоши животни

Сепак, иако се агресивни, директорката на „Лајка“ вели дека не се работи за лоши кучиња, туку за животни што имаат различни точки на вознемирување, или како што вели, тригери, или пак доживеале некаков тип траума.

– Всушност, тоа не се лоши кучиња, ниту пак по својата природа агресивни. Значи, едноставно само улицата не е погодно место за нив, затоа што имаат, да кажеме, разни „тригери“. Ако некој ги удри со стап, потоа реагираат на човек со бастун или на човек со чадор. Такви знаци се сосема нормални за миленици, а кога ќе започнат со тренинзи со нашите вработени, тие кучиња веќе не покажуваат такви знаци на агресија, по што, од наше искуство, знаеме дека животните стануваат одлични миленици подготвени за вдомување – објаснува директорката.

Како голем фактор за несекојдневно однесување на кучињата кое може да премине и во агресија, страв и напади, Пешева го потенцира менувањето на средината каде се движат, процес кој, како што можеме да забележиме во изминатиов период, е доста чест, па дури и организиран.

Фото: Фејсбук

Организираниот транспорт штети на работата на „Лајка“

Во однос на тврдењата на „Анима Мунди“ дека на скопските улици се шетаат кучиња со ушни маркички од Република Албанија, таа вели дека не е новост „кучиња-странци“ некако да се најдат во Скопје, бидејќи такви случаи имало и во минатото и тие не се под „лупата“ на „Лајка“ и за нив нема никаква информација дали се вакцинирани или стерилизирани, со што преку нивното размножување директно ја поткопуваат работата на претпријатието.

– Нашата основна дејност е масовна кастрација и стерилизација, а со појавувањето на нови кучиња за кои немаме информации ние имаме проблем бидејќи ако, на пример, три женки се породат, тоа се 30 нови кучиња на улиците. Ние паралелно гледаме и да вдомиме кучиња, значи да го промовираме вдомувањето, наспроти купувањето, затоа што само на тој начин трајно се тргаат кучињата од улица – вели Пешева.

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

Точно се знае дали кучето е „скопско“

Според неа, во случаите кога заловувачите нашле кучиња со маркички што не се скопски, односно без означувањата познати за скопските општини, најчесто се работи за кучиња од околните села и поруралните општини, но во неколку наврати се пронајдени улични животни со ушни маркички од Косово.

– Гледајте, најголем дел од кучињата доаѓаат од порурални средини и се диви, без чипови и тоа ја отежнува работата на заловувачите. Низ годините имало кучиња со странски микрочипови, а исто така сме нашле кучиња со маркички од Косово. Во Скопје, како и низ Македонија, според закон, секоја општина си има свој знак, односно иницијали, пример Кисела Вода е КВ, КХ е за Карпош, СГП е за Ѓорче Петров – објаснува директорката.

Таа истакнува дека секое куче, вклучително и бездомните, мора да имаат и микрочип и сите тие се евидентирани во електронската база на податоци наречена Информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел успешно следење на сите прегледани и проверени кучиња, нивните движења и нивно брзо лоцирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот