Аквадукт во Скопје / Фото: Слободен печат / Филип Николов

По експропријација на околните парцели конечно треба да започне уредувањето на децениски заборавениот Аквадукт

Реставрацијата на овој локалитет е една од главните цели на Градот и на Министерството за култура, бидејќи, како што најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на ова место треба да се направи летна сцена за различни активности во рамките на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

Ќе се експроприраат парцелите околу Аквадуктот, па конечно треба да се среди просторот кој со децении не ја добил грижата што ја заслужува

Во околината на Визбегово се наоѓа еден од најавтентичните и најуникатните објекти во државата, ако не и во регионот, скопскиот Аквадукт, за кој се очекува да следуваат сериозни активности во однос на негово ревитализирање и реставрација, која е и повеќе од потребна земајќи предвид дека низ годините, ова место има „видено“ само неколку екоакции и неколку прес-конференции со најави за реконструкција и зачувување на ова културно обележје .

ГАЛЕРИЈА | Скопје има подзаборавен и вандализиран, но автентичен Аквадукт

Нема ознаки на тесниот пат кон вандализираниот локалитет

Денес, ова историско место нема посебен пристапен пат што може да ги одведе туристите до локацијата, туку се минува низ тесна улица, покрај повеќе куќи од едната страна и несреденото корито на Серава од другата страна, кое, пак, е незаштитено со банкини или столбови. Самиот пат кон Аквадуктот е без ознаки и без информативни табли што би ги воделе заинтересираните граѓани и странци до објектот.

Откако ќе се стигне до крајот на патот, веднаш може да се забележи големиот и препознатлив Аквадукт, но и една мини-депонија веднаш до него. Во непосредна близина се забележливи уште неколку депонии со автоделови, бела техника и кабаст отпад, а под еден од столбовите има повеќе црни вреќи полни со собран отпад, веројатно заборавени од последната екоакција за расчистување на депонираниот простор околу Аквадуктот.

За жал, низ годините, несовесни граѓани направиле видна штета на дел од столбовите, кои се „истенчени“, а исто така дел од столбовите се исчкртани со спрејови и на нив се изрезбани имиња, иницијали и датуми што го смениле автентичниот изглед на римскиот водотек.

Во непосредна близина се забележливи уште неколку депонии со автоделови, бела техника и кабаст отпад, а под еден од столбовите има повеќе црни вреќи полни со собран отпад, веројатно заборавени од последната екоакција за расчистување на депонираниот простор околу Аквадуктот.

Незаштитен локалитет од исклучително значење

Според податоците на НУ Конзерваторски центар – Скопје, се претпоставува дека Аквадуктот е изграден во шестиот век, а бил целосно реконструиран во османлискиот период кон крајот на петнаесеттиот век.

Тој се состои од 53 квадратни или правоаголни столбови, 2 рампи, 54 арки, ѕидни платна над арките, венец и конструкција на водоводот.
Скопскиот Аквадукт ужива повеќедецениска државна заштита. Уште во 1952 година оваа локација била прогласена за споменик на културата, а потоа во 1967 година тогашниот Завод за заштита на спомениците на културата на град Скопје донел решение со кое го прогласил Аквадуктот за споменик на културата.

Аквадукт во Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Последно, Аквадуктот на 20 април 2021 е прогласен за културно наследство од исклучително значење и со тоа доби највисок степен на заштита.

– Аквадуктот во Скопје се категоризира како културно наследство од особено значење, поткатегорија – исклучително значење, поради тоа што поседува вредности и карактеристики од највисоко национално значење и универзални вредности за човештвото и неговата историја, култура, уметност, наука и технички прогрес – се наведува во објаснувањето од Конзерваторски центар.

Сепак, и покрај највисоката државна заштита, Аквадуктот во изминатите години постојано е локација каде што несовесните граѓани исфрлаат огромни количини комунален, кабаст и градежен отпад поради кои се оформуваат големи диви депонии кои целосно го осквернуваа овој археолошки локалитет со кој располага Македонија.

Очите на Европа ги „мрднаа“ работите, распишан тендер за Аквадуктот

Аквадуктот треба да биде една од туристичките атракции што се планира да се развијат и ревитализираат во наредните две години, бидејќи, како што најави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, на ова место треба да се направи летна сцена за различни активности во рамките на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.

– Настани ќе се одржуваат и на Аквадуктот, едно место што е вистински симбол на Град Скопје и реткост во Европа, таков еден споменик да имаме ни е останат, тоа е водоводот од римско време. Ќе биде претворен во летна сцена, летна арена што ќе биде примамлива и за скопјани, за луѓето од Македонија, но и за луѓето од Европа да можат да го посетат – изјави Ѓорѓиевски.

Во изминативе години имаше повеќе обиди за почеток на проект за реставрација и конзервација на Аквадуктот покриени од буџетот на Министерството за култура, како и со донација од 205 илјади долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, наменети за негово зачувување.

Од Конзерваторски центар – Скопје почнаа со реставрација на Аквадуктот во септември 2021, а во првите две фази досега се изведуваше стабилизација на столбовите.

Аквадукт во Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Конзерваторскиот центар на 1 април годинава распиша тендер за реализација на Основниот проект за конзервација и реставрација на Аквадуктот. Пријавувањето на фирми заврши на 21 април, а сега се разгледуваат понудите. Според тендерската постапка, проценетата вредност на последната фаза од овој проект изнесува околу 13.6 милиони денари, или нешто над 220 илјади евра.

Кога „Слободен печат“ беше на терен, на мал дел од Аквадуктот беа поставени градежни скелиња, но немаше никакви активности.

Конечно обезбеден буџет за експропријација

Можеби еден од најголемите проблеми поради кои во изминатите години немаше видливи промени на состојбата на Аквадуктот се десетиците приватни парцели што го опкружуваат локалитетот, а никогаш досега тие не биле експроприрани од страна на државата. Тие во Катастарот се заведени како пасишта и на нив не може да се гради поради непосредната близина на Аквадуктот, така што тие парцели се донекаде неупотребливи за какви било градежни активности.

Аквадукт во Скопје / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Сепак, министерот за култура Зоран Љутков на конференција наменета за „Скопје – европски град на културата“, меѓу другото, изјави дека за првпат Министерството обезбедило средства за целосна експропријација на приватните земјишта. Со ова ќе се отстранат последните пречки за поголема акција за конзервација на Аквадуктот, земајќи предвид дека целиот простор ќе биде под надлежност и владение на државата и министерството.

– Скопскиот Аквадукт е тивок сведок на минатото и конечно ќе добие шанса да биде виден, заштитен и споделен со светот. Обезбедени се средства за конзервација на објектот и првпат се обезбедени средства за експропријација на околните парцели – изјави Љутков.

Од Град Скопје, во однос со плановите за Аквадуктот и за просторот околу него, велат дека Конзерваторскиот центар веќе распишал јавна набавка за реализација на проектот за конзервација и реставрација на објектот, а дека Управата за заштита на културното наследство води постапки за експропријација на парцелите околу самиот Аквадукт.

Оттаму тврдат и дека централните институции изготвуваат елаборати за просторот и План за управување за самиот локалитет.

– По завршување на експропријацијата и по донесувањето на плановите за управување од страна на институциите, планирано е реализација на проект за целосно заживување на локалитетот, односно на тој начин, Град Скопје ќе добие можност за уредување на просторот – хортикултурно, пешачки патеки, монтажни летни сцени за одржување на настани, обновување на зеленилото, урбана опрема итн., така што локалитетот повторно ќе стане значајна атракција во нашиот град како за сите скопјани, така и за странските туристи – објаснуваат од Градот.

Се очекува дека Аквадуктот, благодарение на настаните што ќе ја обележат 2028 година во рамките на Скопје – Европска престолнина на културата, конечно ќе го добие третманот што го заслужува и дека ќе стане уредено и посетено место, не само од туристите, туку и од скопјани, од кои веројатно мнозинството не знаат ни каде се наоѓа, ни како да стигнат до него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот