Платформата „Мувинг Балканс“ ја сплоти независната танц-сцена на Балканот во Нови Сад
Второто издание на „Мувинг Балканс – Шоукејс за современ танц“ од 13 до 16 мај се одржува во Нови Сад, Србија, со програма која носи избор на десет современи танцови продукции и шест Денс Скејп пичинг проекти од Балканот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Првото издание на „Мувинг Балканс“ минатата година се одржа во Љубљана, Риека и Загреб и имаше фантастично влијание во меѓусебното запознавање и остварување долгорочна комуникација меѓу учесниците од независната танцова сцена на целиот Балкан.
Со таква енергија беа направени подготовките за второто издание на „Мувинг Балканс – Шоукејс за современ танц“, што од 13 до 16 мај се одржува во Нови Сад. Изборот на учесниците на второто издание на „Мувинг Балканс“ е направен од 214 апликации од целиот регион од страна на уметничкиот одбор на платформата „Мувинг Балканс“, заедно со двајца меѓународни експерти – Ингрида Гербутавичиуте, директорка на „Танцхаус НРВ“ од Дизелдорф, и Саме Рајмекерс, поранешен директор на „Дансенс Хус“ од Осло.

Селектираните дела, кои се изведуваат на седум различни сцени во Нови Сад, ја отсликуваат разновидноста, храброста и уметничката зрелост на современата танцова сцена во регионот. Во програмата се вклучени и пичинзи, разговори со уметниците и дружење меѓу учесниците.
Меѓу 10-те селектирани продукции за 2026 година, за првпат е вклучена и претстава од Македонија – „Мокументари“, во кореографија на Адријана Данчевска Ровчанин, продукција на Скопје танцовиот театар и Културниот центар „Интерарт“. Сценографијата е на Ивана Мојсовска, а музиката на Александар Гроздановски, создавајќи динамичен и провокативен сценски дијалог. Во претставата играат Нина Петрушевска и Лука Ѓорѓиевски.
Претставата беше премиерно изведена на 22 април 2025 година, на отворањето на „Денови на македонски кореографи“ на малата сцена во Националната опера и балет, по што следуваа изведби на „Танц фест Скопје“ во 2025 и 2026 година во Младинскиот културен центар (МКЦ), како и на „Платформ перформанс фестивал“, во рамките на Платформата за македонски кореографи, организиран од „Локомотива“.

Покрај македонското присуство, во официјалната Топ 10 селекција на шоукејсот за 2026 година се вклучени и следните уметници и продукции: Ења Белак и Кристина Пелдова – „Распрснати моменти“ (Словенија); Илиас Чацигеоргиу – „Исплашен“ (Грција); Александра Михаела Данч и Влад Бенеску – „Соматски фрикови: револуцијата на проприорецепторите“ (Романија); Дејан Георгиев – „Последна орбита“ (Бугарија); Ермира Горо – „Телос“ (Грција); Коста Каракашјан – „Инсерт коин / Плејер уан“ (Бугарија); Хара Коцали – „Крај на фазата на забава“ (Грција); Џиневра Панцети и Енрико Тикони – „Аларме“ (Хрватска); Марта Рак – „Присвојувања: територија“ (Хрватска).
Програмата вклучува и Денс Скејп сегмент, во кој со свои проект-презентации наменети за меѓународна професионална публика учествуваат Кристина Алексова (Словенија), Мадалина Дан (Романија), Џанан Јучел Пекичтен (Турција), Неда Ружева (Бугарија), Александрос Ставропулос (Грција) и Соња Стојановиќ (Србија).

Како и на првото издание, селекцијата во Нови Сад се претставува пред меѓународна публика, фестивали и културни професионалци, а присутни се и продуценти, директори на фестивали, менаџери и новинари од областа на танцот од цела Европа. Тоа е вистински организаторски предизвик за домаќините во Нови Сад.
– Најголемиот предизвик што го имавме во текот на подготовките на „Мувинг Балканс“ беше со политичка основа, бидејќи Нови Сад е епицентар на протестите во Србија и речиси шест месеци објектот во кој е сместен Студентскиот културен центар беше окупиран од студентите. Не знаевме во која насока ќе ескалира ситуацијата и не знаевме дали, воопшто, ќе можеме да го организираме настанот. Имавме и финансиски предизвици, бидејќи не добивме поддршка од никого, ниту од градот, ниту од покраината, ниту од државата. Кога ја прифативме организацијата на вторите „Мувинг Балканс“ не знаевме дека ќе имаме такви ситуации, но, сепак, Студентскиот културен центар во Нови Сад (СКЦНС) постои веќе 30 години и досега сме организирале многу настани, а „Мувинг Балканс“ е еден од најголемите. Имам голема доверба во екипата од СКЦНС и во партнерите кои се соорганизатори и затоа целиот настан тече во најдобар ред. Како гости се присутни околу 120 уметници и делегати од странство и околу 30 уметници од локалната сцена. Предизвик беше и што на 5 мај го објавивме новиот конкурс за учество на третиот „Мувинг Балканс“, а на крајот на април бев и во Скопје на „Танц фест“, така што сите работи се собраа на едно место, но полека се расплетуваат како се ближи крајот на настанот – изјави Марија Поповиќ – Змаја, координатор за меѓународна соработка при СКЦНС и менаџер на проектот „Мувинг Балканс“ заедно со Атанас Д. Маев од танц-центарот „Дерида“ од Бугарија.

Покрај учеството на македонскиот танц-перформанс „Мокументари“, во Нови Сад е присутна и Лидија Пајевиќ од Канцеларијата на „Креативна Европа“ при Министерството за култура и туризам на РСМ. Таа учествуваше во панел-дискусијата на тема „Колаборативни модели за развој на современиот танц во регионот и пошироко“ и истакна дека од програмата „Креативна Европа“ во областа на танцот во Македонија биле поддржани проекти на Културниот центар „Интерарт“ и на Центарот за современ танц „Локомотива“.

Платформата „Мувинг Балканс“ е регионална иницијатива кофинансирана од Европската Унија, насочена кон зголемување на видливоста, мобилноста и конкурентноста на современиот танц од Балканот на европската и меѓународна сцена. Проектот е поддржан од Националниот културен фонд на Бугарија, Министерството за култура на Словенија, Град Љубљана, Министерството за јавна администрација на Словенија, Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Град Загреб, Министерството за култура на Романија и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 332, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.5.2026)


