Планинарката Калина која загина на Кајмакчалан му помогна да ја открие вистината: Нашиот познат музичар со емотивна приказна
На 10 февруари се навршуваат осум години откако убавата Калина Велевска, член на планинарскиот клуб ,,Трансверзалец“, прерано го заврши својот млад живот на врвовите на Кајмакчалан.
Препорачано
Калина, која имаше 26 години, по пад во бездна загина на Кајмакчалан заедно со уште еден вљубеник во планините, Александар Миновски, кој имаше 35 години.
Петар Георгиевски – Камиказа од групата „Меморија“ откри искрена призкна за Калина и раскажа како му помогнала.
„Девојката која беше ‘крива’ за да отворам Фејсбук е Калина Велевска, која пред неколку години трагично загина заедно со уште еден планинар, на Кајмакчалан, инаку ќерка на мојот колега, Марјан Велевски. Почивај во мир девојче, вака ќе те чуваме од заборав, и тебе и Александар, напиша Перо Камиказа, па сподели постар статус.
„Фејсбук 2015. До лани на овој ден немав Фејсбук. Многу луѓе што ми значеле ги имав некаде во фајловите низ главата, но со отварањето на профилот ми ја освежија меморијата…
Благодарение на лажниот профил што го направило некое магаре и еден искрен муабет со едно убаво девојче, планинарка на Водно, ние денес имаме електронски однос кој јас се трудам да го направам што поемотивен и човечки. Колку ми успева – тоа вие си знаете. Кратко, ми приоѓа девојчево на Водно:‘Сѐ е супер, ве гледам по планини, трчате, колку што знам свиревте и во ‘Меморија’, ама малку претеравте со безобразукот!’.
Јас ја прашувам каде тоа сум претерал?
‘На Фејсбук’, вели таа. ‘Френдови сме, па ми пишувате многу вулгарни работи!’.
‘Јас немам Фејсбук’, одговарам.
‘Е како немаш?!’, го отвара телефонот и ми покажува профил со моја слика од времето кога глумев во ‘Пикасо’, од трка и од ‘Меморија’ спотот за ‘Црна се чума зададе’.
Гледам и френдови собрал фраерот, ама направил една грешка, ја запишал својата година на раѓање, 1964. Ја вадам личната карта и викам: ‘Јас сум малку постар од ова лажно магаре! Го украл идентитетот, ама душата и делата никако не можат да се украдат. Еве ти ветувам, од утре ќе имам свој Фејсбук профил, па од тука цени каков сум и што сум’.
Се напивме по еден чај, ѝ се извинив без разлика што немав за што, и се разделивме со ветување дека таа ќе ми биде првиот Фејсбук пријател. Така и би! И денеска се гледаме на Водно, и од далеку ме поздравува, ми кажува што читала и се радува што ме запознала. И јас исто така“, е дел од статусот кој музичарот го споделил во 2015 година.


