Писателот Владимир Пиштало е лауреат на книжевната награда „Прозарт 2024“ на 12. „Про-За Балкан“
Наградата „Прозарт“, што фестивалот „Про-За Балкан“ по 12-ти пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на српскиот писател Владимир Пиштало.
Гости на 12. Интернационален литературен фестивал „Про-За Балкан“, што ќе се одржи од 15 до 17 септември во Скопје, ќе бидат познатиот хрватски новинар и писател Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш од Бугарија, Мајк Дауни од Велика Британија, Ненад Шапоња од Србија, Мајда Корен од Словенија и нашите автори Виолета Танчева-Златева и Ѕвездан Георгиевски.
Наградата на лауреатот Владимир Пиштало ќе му биде врачена на свеченото затворање на фестивалот, на 17 септември во Даутпашин амам во Скопје. Станува збор за писател што ги означи еволуцијата и достигнувањата на современата српска проза при крајот на 20 и почетокот на 21 век, како што стои во образложението за доделување на наградата.
– Тоа што го возбудува секој приврзан читател кон прозата на Пиштало, е еден многу редок спој на изграден стил и експериментаторски нагон: тој како шетач низ просторот и времето многу внимателно ги забележува деталите на животот, а од друга страна го искушува обликот на пишување. Оттаму наградата „Прозарт“ сосема заслужено и праведно припаѓа на еден од големите балкански мајстори и иницијатори на создавањето врвна проза на овие простори – стои во образложението за наградата „Прозарт“.
Претседател на комисијата за доделување на наградата е проф. д-р Ермис Лафазановски, а членови се проф. д-р Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски.
Владимир Пиштало е роден во Сараево во 1960 година. Израснал во Мостар, Краљево и Белград, каде што завршил основно училиште и гимназија. Студирал право во Белград и во Сараево. Завршил докторски студии на Светска историја и Американска историја на Универзитетот во Њу Хемпшир во САД.
Како писател тој е заинтересиран за психологијата на поединечни луѓе и градови. Тој ја раскажува историјата на јазикот на поезијата. Ако неговата проза не ги содржи двата зачина – поезија и хумор – тој не би бил заинтересиран да ја пишува. Пиштало верува дека добро воочените и остро изразените детали ни обезбедуваат порта кон другиот свет.
Пиштало ја објавил својата прва приказна во списание уште кога имал 18 години, а првата книга уште на 21 година. Како студент ја основал книжевната група „Белградско производство на соништата“. Објавил 14 книги белетристика, од поетска проза до романи – „Сликовница“, „Ноќи“, „Манифести“, „Крајот на векот“, „Корто Малтезе“, „Витраж во сеќавањето“, „Александрида“, „Приказни од целиот свет“, „Милениум во Белград“, „Тесла, портрет со маски“, „Венеција“, „Сонцето на овој ден: писмо до Андриќ“, „Значењето на Џокерот“ и „Песната за три света“.
Неговите раскази се вклучени во сите поголеми антологии на српската проза. Неговата книга „Тесла, портрет со маски“ е преведена на 20 јазици. Неговиот роман „Милениум во Белград“ е преведен на десет јазици. Пиштало сè уште верува дека „реалноста е, всушност, руда од која, кога ќе се исплакне, добиваме соништа“.
Во рамките на „Про-За Балкан“, годинава се одржува 11. програма „Скопје фелоушип“, која се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Организатор на фестивалот „Про-За Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)