Писателката Оливера Николова е добитничка на наградата „Прозарт“

Една од најзначајните македонски писателки, Оливера Николова, е добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Јубилејното 10. издание на фестивалот годинава ќе се одржи од 18 до 21 септември.

Одлуката за доделување на наградата на Николова беше донесена едногласно од страна на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, на чело со претседателот Ермис Лафазановски.

– Оливера Николова е македонска писателка која ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право можеме да ја сметаме за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската класична книжевност. Почнувајќи од нејзините изданија во рамките на македонската книжевност за деца, па сè до нејзиниот последен роман, на читателите не само во Македонија, туку и на Балканот, им ја понуди единствената привилегија преку нејзините дела да прочитаат работи кои се напишани сега и тука, а чие ехо ќе одѕвонува далеку во иднината – стои во одлуката на Одборот.

Лауреатот Оливера Николова, за која не ретко се споменува дека е мајка на сите македонски писателки, во писмото по повод добивањето на наградата, меѓу другото, вели:

– „Про-За Балкан“ за мене отсекогаш претставувала кота од која ми се овозможуваше радоста да ги поздравам колегите писатели, оние присутните, но и неприсутните, кои ги познавам и не ги познавам, кои ги читам и не ги читам, но чии автентични творечки вибрации бездруго ја изгубиле супстанцата на само она што е исклучително. Неспорно, присуството на читателите, пак, создава повеќе убавина одошто некогаш сме имале во моментот, повеќе емпатија за секого, но и помалку занес за чудата на животот и сировата стварност – напиша Николова.

Писателката Оливера Николова, која е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје во 1936 година. Целиот работен век го минала во Македонската радио-телевизија како уредник и драматург. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Покрај романите, како „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Збогум, Вано, Ванке…“, „Песот со тажен поглед“ и повеќе збирки раскази за возрасни, има објавено и 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и др. Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „Про-За Балкан“ се Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотека, Национална галерија, „Спона“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот