„Пиј си тутун, пиј си каве, азното само ќе си дојди“ – Зборови кои живеат и 22 години по заминувањето на „царот“ Ѓорѓи Колозов
На 26 февруари 1948 година во Богданци е роден Ѓорѓи Колозов, еден од најпознатите актери во Македонија, запаметен по своите извонредни толкувања на типски ликови од народното творештво – како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ. Уживал голема популарност и меѓу македонската дијаспора во Австралија, Соединетите Американски Држави, како и во соседните земји на Балканот.
Препорачано
Неговата слава била резултат на долгогодишното актерско искуство и учеството во мошне популарната македонска телевизиска серија „Македонски народни приказни“, заснована на збирките народни преданија од собирачите на македонски народни умотворби – Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и други.
Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, етнографијата, лингвистиката, националната историја, како и за разбирањето на правото и моралот на македонскиот народ.
Серијата започнала во 1984 година под насловот „Легенди и преданија“, а од 1986 до 2003 година се прикажувала под името „Македонски народни приказни“ во продукција на МРТ. Во текот на тој период, Колозов снимил околу 300 епизоди.
Настапувал и во повеќе играни филмови, како во македонска продукција, така и во продукција на „Вардар филм“ во времето на поранешна СФРЈ. Меѓу позначајните се: „Македонскиот дел од пеколот“, „Нели ти реков“, „Истрел“, „Тетовирање“ и други.
Во 2016 година, Државниот архив на Република Македонија објави документи според кои Ѓорѓи Колозов бил следен од Управата за државна безбедност во времето кога бил студент.
„Пиј си тутун, пиј си каве, азното само ќе си дојди“ – оваа реплика од „Македонските народни приказни“ остана засекогаш поврзана со неговиот лик и талент, бидејќи токму нему најмногу му прилегаше улогата на цар.
Ѓорѓи Колозов почина на денешен ден, 13 октомври 2003 година, во Скопје. Но неговиот лик и дело живеат и денес, особено преку народните приказни кои го одбележаа детството на многу генерации и сè уште се сметаат за едни од најомилените македонски телевизиски проекти.
Секогаш велел дека не сака да се наметнува на публиката, туку сака таа самата да го засака преку неговите дела. И навистина тие дела живеат и денес, 22 години по неговата смрт.


