Пицула ја повика ЕУ: Не давајте пари за Вучиќ да гази по демократијата во Србија
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент денеска го усвои годишниот извештај за Србија, подготвен од пратеникот Тонино Пицула од Прогресивниот сојуз на социјалисти и демократи. Во извештајот, Европската комисија е повикана да ја суспендира понатамошната исплата на средства за Србија од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан поради континуираната регресија во областа на владеењето на правото, објавија европските социјалдемократи, нагласувајќи дека сепак „нема повеќе пари од ЕУ за регресијата на демократијата на Вучиќ“, пренесуваат српските медиуми.
Препорачано
Тонино Пицула, кој е известувачот на Европскиот парламент за Србија, изјави дека овогодинешниот извештај е подготвен во околности на високо поларизирана политичка средина во Србија.
„Ситуацијата во Србија, која долго време предизвикува сериозна загриженост, дополнително се влоши во текот на изминатата година, со континуиран пад на политичките права и граѓанските слободи, систематско слабеење на институциите, назадувања во клучните области од процесот на пристапување и донесување антиевропски политички одлуки“, рече Пицула.
Во овие загрижувачки околности, како што наведува тој, Европскиот парламент ја поддржува најавената суспензија на средствата наменети за Србија и ја повикува Комисијата да престане со понатамошното исплаќање средства на Србија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
„Дополнително, постојните и идните средства на ЕУ треба да се пренасочат така што поголема поддршка ќе биде наменета за судска реформа, мерки против корупција, независни медиуми, организации на граѓанското општество и независниот културен сектор.“
Парламентот, исто така, ја повторува својата порака дека ако Србија сака да напредува на својот европски пат, мора да направи јасен стратешки избор, да се придржува кон санкциите на ЕУ против Русија и да покаже мерлив и одржлив напредок во рамките на кластерот поврзан со основните вредности и реформи“, истакнува Пицула.
Потпретседателката на групата за проширување на Прогресивниот сојуз на социјалисти и демократи, Кетлин Ван Бремпт, ги повика клучните актери на Европската Унија да заземат цврст став кон претседателот Вучиќ и неговата елита.
„Предолго време, Европската Унија се обидуваше да купи стабилност во регионот со толерирање и смирување на Вучиќ. Ова не е начин да се обезбеди подобра иднина за Србија или за Европската Унија“, рече Кетлин Ван Бремпт.
Пицула: Вучиќ ја гледа ЕУ како шведска маса, зборува или пред огледало или пред одбрани новинари


