ФОТО Петдневна жалост во Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана
Претседателот на земјата, Гај Пармелин, го опиша пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на Швајцарија.
Стравични сведоштва од пожарот во барот во Кран- Монтана во кој според последните информации настрадаа 47 лица, а околу 100 се повредени. Се одржуваат црковни служби, а Швајцарија прогласи петдневна жалост.
Препорачано
Околу 400 луѓе присуствуваа на миса вечерва во чест на жртвите од пожарот во бар на Алпите. Церемонијата во градската црква ја водеше епископот.
Попладнево Сионската епархија издаде соопштение во кое се вели дека е шокирана од трагедијата и изрази „своја загриженост, блискост и сочувство до сите жртви и нивните семејства“.
Таа, исто така, изрази целосна поддршка и благодарност до сите оние кои работеле на различни начини за да им помогнат на жртвите, и локално и во различни болници – како медицински персонал или како полиција, граѓански и судски власти.

Прогласени пет дена жалост во Швајцарија
Пет дена жалост се прогласени во Швајцарија откако во страшен пожар во преполн бар загинаа повеќе од 40, а беа повредени 115 лица кои беа на новогодишна забава во алпскиот скијачки центар Кран Монтана.
Претседателот на земјата, Гај Пармелин, го опиша пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на Швајцарија.
-Ова е трагедија од огромни размери – рече тој, оддавајќи им почит на многуте млади животи што беа изгубени, пишува Гардијан.
Очевидци на трагедијата изнесоа стравични доживувања од настанот.
Алексис (18), рече дека бил пред барот кога првпат го забележал пожарот „низ стаклената врата“. Тој изјави за швајцарскиот РТС дека избувнал голем пожар.

-Луѓето трчаа низ пламените. Можеа да се видат сенки. Луѓето се обидуваа да го скршат стаклото со барските столчиња – рече тој.
Друг сведок, Алекс (21), изјави за РТС дека штотуку пристигнал пред барот кога се појавиле првите жртви на пожарот.
-Видов некого во долна облека, беше целосно изгорен. Тогаш сфатив дека нешто дефинитивно не е во ред. Почувствував мешавина од гас, стопена пластика, многу непријатна мешавина. А потоа десетици изгорени луѓе истрчаа – опиша тој.
Алекс додаде дека се стресол од помислата дека голем број луѓе се заробени во зграда што гори.
Граѓаните оставаат свеќи и цвеќиња на местото на трагедијата
Голем број граѓани положуваат цвеќе и палат свеќи недалеку од барот каде што се случи страшниот пожар.
Главната обвинителка истакна дека засега нема апсења или осомничени.

-Околностите за пожарот се под истрага – рече таа.
Главната кантонална обвинителка зборуваше на прес-конференцијата и рече дека не може да потврди дали пожарот е предизвикан од свеќа што запалила дрвен столб во барот.
Службениците изјавија дека во наредните часови повредените ќе бидат префрлени во болници во соседните земји кои понудиле помош, како што се Италија, Франција и Германија. Повеќето од повредените се млади, а најмладиот пациент на кој му е помогнато имал само 16 години.
Сведоците рекоа дека малото скалило било единствениот влез и излез од барот каде што се случил пожарот, но обвинителот рече дека е прерано да се коментира.
Шефот на кантонот откри нови детали за трагедијата во Алпите
Матија Рејнард, претседател на советот на кантонот Валас, рече дека од целиот округ биле распоредени 42 амбулантни возила, 13 хеликоптери и три камиони за итни случаи.
Околу 35 лица независно побарале помош во локалните центри.
Други 80 лица биле хоспитализирани на лице место, а „значителен број од нив се во критична состојба“.
Сепак, уште повеќе пациенти биле префрлени во поголеми, специјализирани болници, вели тој.
Рејнард вели дека добиле понуди од специјализирани единици во Италија за помош.
И тој го потсетува локалното население да биде внимателно денес за да избегне преоптоварување на локалните медицински услуги. Локалната болница „доживува екстремен стрес… не ги преоптоварувајте службите за итни случаи со инциденти што може да се избегнат“.
Откажен новогодишен огномет во Тиќин
Новогодишниот огномет, кој беше планиран за вечерва, 1 јануари, во Тиќин, беше откажан поради трагедијата. Огнометот требаше да се одржи од бродот на езерото Маџоре.
Швајцарскиот претседател Ги Пармелин дојде на местото на големата трагедија во Алпите. Тој дојде во зградата каде што избувна пожарот, а полицијата го обезбедуваше.
-Дојдов тука во име на Федералниот совет и цела Швајцарија, од почит кон жртвите. Нашите мисли се со семејствата кои чекаат информации за своите деца. Нашите молитви се со сите погодени од оваа трагедија- рече тој.
Тој истакна дека ситуацијата е многу тешка и им се заблагодари на различните влади за нивната соработка.

Агенцијата АП пишува дека службените лица објасниле дека пожарот веројатно предизвикал ослободување на запаливи гасови, кои потоа одеднаш се разгореле, што пожарникарите што зборуваат англиски го нарекуваат флешовер или повратен провев.
Ема и Албана, две млади Французинки кои успеале брзо да излезат од барот „Ла Констелашн“, сведочеа за „стампедото“ и „целосната паника“ што се случила кога се појавил пожарот. Според нив, една од „роденденските свеќи“, што келнерките ги поставиле на шишињата шампањ, се приближила премногу до таванот и го запалила. Потоа сите присутни почнале да бегаат „врискајќи и трчајќи“. Забавата се одржала во подрумот на зградата, додека пожарот брзо се проширил на горниот кат, пренесува BFM.
Швајцарската полиција објави фотографии направени по пожарот во барот „Ле Констеласион“.


