Петар Петковски од „Фамилијата Марковски“ номиниран за „Ѕвезда во подем“ на Сараево филм фестивал

Со желба да се подобри и поттикне продукцијата на квалитетни аудио-визуелни содржини, Сараево филм фестивал (СФФ) од оваа година воспостави нова категорија награди: „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии.

Со наградата „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии Сараево филм фестивал им оддава признание и ги промовира најквалитетните регионални телевизиски серии и нивните автори, актерки и актери и го охрабрува нивниот меѓународен пласман.

Од продукцијата на ТВ-серии од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Косово и Словенија, кои премиерно се прикажани во периодот од 1 септември 2019 година до 31 мај 2021 година, селекцискиот одбор на Сараево филм фестивал годинава вклучи 16 серии во конкуренцијата за наградата „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии.

ТВ-сериите се номинирани за награди во шест категории: Најдобра драмска серија, Најдобра комедија, Најдобар креатор/и серија, Најдобра актерка, Најдобар актер и Ѕвезда во подем.

Во категоријата „Ѕвезда во подем“, меѓу петте номинирани се најде и македонскиот актер Петар Петковски за улогата во серијата „Фамилијата Марковски, втора сезона. Петковски е актерот кој го глуми најмладиот член на „Фамилијата Марковски“, Бојан, кој ги открива проблемите со свои видеа и кој се обидува да им помогне и на семејството и на другарите од училиште. Петковски влезе во актерските води во 2017 година и првиот проект во кој учествуваше е токму серијата „Фамилијата Марковски“. „Фамилијата Марковски“ е единствената серија со номинација од Северна
Македонија. Серијата се емитуваше во текот на 2017 и 2019 година и беше
примена со огромен интерес особено кај младата публика, заради ликот на Бојан
Марковски што за Петар, кој тогаш имаше 15 години, беше прво искуство пред
камера.

Приказната која се обработува е дрска, без влакна на јазикот, го опишува секојдневието на просечно македонско семејство, со сите негови расплети и перипетии. Во серијата улогите ги толкуваат Александар Миќик, Силвија Стојановска, Сашко Коцев, Тамара Ристова, Драган Спасов-Дац, Владимир Петровиќ…

За добитниците ќе одлучува жири од повеќе стотици филмски и телевизиски професионалци од подрачјата на поранешна Југославија, а најдобрите достигнувања ќе бидат избрани со онлајн гласање, по пример на слични светски годишни награди на филмските и телевизиските академии. Годинешното жири ќе биде јадрото на професионалната академија, која во иднина ќе носи одлуки за наградите.

Церемонијата на доделувањето на наградата „Срцето на Сараево“ за ТВ-серии ќе се одржи за време на 27-миот Сараево филм фестивал, кој ќе се одржи од 13 до 20 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот