Пет најздрави јаткасти плодови што треба да ги јадеме секој ден во 2024

Фото: Pexels

Јаткастите плодови обезбедуваат многу здравствени придобивки ако често се консумираат. Содржат многу хранливи материи и здрави масти кои позитивно влијаат на целокупното здравје. Може да се јадат како здрава алтернатива за грицки, но и во бројни слатки и солени комбинации. Овие нискокалорични намирници треба да бидат нешто што сите ќе почнеме да ги консумираме почесто во 2024 година. Како што пренесува „ЈуЕс њус“, ова се петте најздрави јаткасти плодови што можеме да ги јадеме.

Макадамија ореви

Оревот макадамија е богат со корисни мононезаситени масти и е одличен извор на флавоноиди и други фитонутриенти кои можат да помогнат во одржување на здравјето на срцето и намалување на воспаленијата. Исто така е добар извор на есенцијални хранливи материи, бидејќи содржи железо, ниацин, магнезиум, влакна, манган, селен и калиум.

Една студија објавена во „Журнал оф нутритишн“ покажала дека испитаниците кои јаделе повеќе од 40 грама макадамија дневно имале пониски вкупни и штетни нивоа на ЛДЛ-холестерол во споредба со исхраната на оние кои не јаделе макадамија ореви, пишува „ЈуЕс њус“.

Ф’стаци

Ф’стаците обезбедуваат добар извор на протеини, влакна и здрави масти. Тие исто така содржат антиоксиданти, како и неколку одлични хранливи материи, вклучувајќи влакна, бакар, тиамин, витамин Б6 и фосфор. Богатиот вкус на ф’стаците ги прави одличен додаток на јадењата, но и одличен меѓуоброк.

Тие се одличен додаток на салати и варен зеленчук, десерти и тестенини. Обидете се да направите вкусен песто сос од ф’стаци и користете го како прелив за салата, сос за пица или за тестенини или како уметнички и вкусен додаток на супи.

Ореви

Оревите се единствените јаткасти плодови кои обезбедуваат одличен извор на омега-3 масни киселини, линоленска киселина, со 2,5 грама по порција. Содржат неколку важни хранливи материи, вклучувајќи манган, бакар и магнезиум.

Истражувањето објавено во списанието „Нутриентс“ покажа дека користењето сечкани ореви наместо месо во исхраната може да го подобри севкупниот квалитет на исхраната и да го зголеми внесот на омега-3 АЛА, влакна, магнезиум и бакар. Друго истражување за здравствените придобивки од оревите покажало дека тие можат да помогнат во заштитата од болести на срцето, дијабетес тип 2, деменција, оксидативен стрес и воспаленија.

Бадеми

Веројатно една од омилените намирници на оваа листа се бадемите. Бадемите се добар извор на протеини и се богати со влакна и содржат витамин Е. Од другите хранливи материи вклучуваат магнезиум, манган, витамин Б2, фосфор и бакар.

Многу студии покажаа дека бадемите можат да го подобрат здравјето на срцето, изведбата на вежбањето, здравјето на кожата, здравјето на цревата, дијабетесот и уште многу повеќе. Некои неодамнешни истражувања покажаа дека позитивно влијаат на организмот доколку се консумираат по вежбање, бидејќи го намалуваат чувството на замор.

Кога станува збор за здравјето на кожата, едно истражување покажа дека секојдневното консумирање бадеми ја намалува изразеноста на брчките и пигментацијата на кожата кај жените кои за време на тестирањето биле во постменопауза.

Индиски ореви

Нутриционистички гледано, индиските ореви се добар извор на железо, фосфор, бакар, манган и цинк. Тие обезбедуваат повеќе заситувачки влакна од повеќето јаткасти плодови.

Истражувањето покажало дека додавањето индиски ореви во исхраната со контролиран внес на калории резултира со намалување на вкупните телесни масти, зголемување на чистата телесна маса и подобрување на функцијата на крвните садови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот