Пет години без Зафир Хаџиманов – сеќавање на уметникот што ги обедини музиката, театарот и поезијата
Денеска се навршуваат пет години од смртта на Зафир Хаџиманов, еден од најзначајните македонски уметници кој остави длабока трага во музиката, театарот и филмот.
Препорачано
Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци, а својот животен и професионален пат го градеше меѓу Македонија и Србија. Тој беше пејач, композитор, глумец и поет, уметник со широк израз кој успешно се движеше низ повеќе области на културата.
Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1967 година, по што започнал богата актерска кариера. Остварил бројни улоги во филмови и телевизиски проекти, меѓу кои се „Македонска крвава свадба“, „Време без војна“, „Македонска сага“ и „Кога ќе осамне денот“.
Паралелно со актерството, Хаџиманов градел и успешна музичка кариера. Публиката го памети по песни како „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“ и „Од љубов не се бега“, а уште во 1965 година го освоил првото место на фестивалот во Опатија со песната „Зошто доаѓаш само со дожд“.
Освен како изведувач, тој се истакна и како автор, со богато поетско творештво и неколку објавени книги. За својата поезија доби признание и на Струшките вечери на поезијата, што дополнително ја потврдува неговата уметничка широчина.
Во текот на животот активно работеше на промоција на македонската култура во странство. Беше меѓу основачите на друштвото за македонско-српско пријателство „Шар Планина“ и на здружението „Македониум“ во Белград, а во 2007 година беше именуван за почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Хаџиманов почина на 27 март 2021 година во Белград, на 77-годишна возраст, како последица на инфекција со ковид-19.


