Песни кои се читаат со леснотија содржи новата поетска книга на Васил Тоциновски
Новата поетска книга „Кога ме има и кога ме нема“ на Васил Тоциновски, издание на „Академска мисла“ – Скопје, тематски и поетички претставува дополнување и нов естетски резултат посведочен во неговите претходни објави „Некои златни времиња“ и „Еден миг живот“.
Препорачано
Станува збор за автор што со сопственото искуство низ разни и различни егзистенцијални состојби и манифестации создава поезија на мудроста и добрината, разбирањето и почитта низ кои човекот се пресоздава во една и автохтона филозофија на постоењето. Во него насобрана е многу тага и болка, поразителни сознанија и недоумици како да се биде свој во еднаш и кратко дадениот живот.
Неговите стихови насобрале нови сознанија од забрзаното и превртено време кое од своја страна наметнало и востановило нови етички правила за вредноста на човекот и животот. Како потврда на тие и такви наметнувања, вредносна илустрација е „Измислена песна“. Тоциновски и со мисла и со душа патува и животот и светот ги пресоздава во стихови на едноставност, убавина, поука и, секако, порака не како повикување и сведоштво на минатото, туку како потреба да се биде слободен и среќен човек, кој му се радува на животот и создава нови вредности на постоењето и иднина за цивилизацијата.
Зборот се мери на кантар и неговата идентификација е точно одредена за значењето и трајноста на изговореното, кажаното мислење во песната „Зборот“ како ненаметлива, а потребна препорака: „Кажаниот збор не познава близок и љубен човек / сам по себе тој е проколната судбина / непожелен гостин, туѓинец, откорнатик / закатанчен ковчег за кого гроб нема / оти му било проречено на третата вечер / да биде самотник и голтар распнат / на голем крст од гнило дрво без корен.“
Поетот Васил Тоциновски има сопствен пат на поминување и идентификација. Поучен од древната мудрост оти човекот не е човек по тоа што ќе го направи или каже, туку по она што го сознал и премолчел, кое како далечно ехо се повторува како поука за достоинство и чест кои нѐ воделе и вреднувале како субјекти.
Станува збор за воспев на катадневието, егзистенцијата, мислата и смислата на битисувањето, навраќања во минатото (детството и младоста), бескрајното сонување и копнеж по утрешниот ден и иднината. Тие размислувања и авторови убедувања посебно се бележити во посветени песни за одредени личности, како чудесна приказна и пример за човекување (Блаже Конески, Бранислав Нушиќ, Искра Чоловиќ, Милан Војницалија, Раде Драинац, Јосип Еуген Шета). Песни кои се читаат со интерес, со леснотија, зашто секоја песна има своја поента како тивка милувка да се биде човек.
Еден е животот, и во него нема многу простор за корекција и за нова желба да се биде подобар. Вистината е една и единствена. Секој стих и песна на Васил Тоциновски во книгата „Кога ме има и кога ме нема“ како невидлива нишка ја преплетуваат или поточно се во потрага по едната и единствена вистина.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 307, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.11.2025)


