Пензионерите најзагрижени дали ќе може да ги искористат владините 6.000 денари

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На две недели до крајниот рок до кога граѓаните треба да ја потрошат сумата од 6.000 денари, која Владата им ја додели како помош за купување македонски производи, сѐ уште не се објавени ниту списоците на примателите, ниту листите на трговци, каде ќе се купува. Страницата „купувам домашно.мк“, се ажурира и освен општите објаснувања, други детали нема.

По стапување во сила на законот, Генералниот секретаријат на Владата во рок од пет дена на страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, требаше да објави јавен повик за пријавување правни и физички лица вршители на стопанска дејност за упис во Листа на даватели на македонски производи и македонски услуги. Кус е и рокот за поднесување приговори за оние што ќе сметаат дека се неправедно изоставени и тој ќе трае само три дена. Сепак, владините функционери очекуваат граѓаните за десетина дена да ја добијат финансиска помош и сметаат дека има доволно време за трошење на парите до 25 декември, кој е краен рок.

Од Министерството за финансии веќе најавија дека е потребно време за да се изготват списоците на лицата на кои треба да им се поделат тие пари, а тоа се пензионерите со минимална пензија, корисниците на социјална пензија, пасивните баратели на работа, самохраните родители и студентите што се испуштени при претходната поделба на оваа помош, потоа и филмски, културни работници, естрадни уметници… Како и да е, времето за трошење на парите ќе биде многу кратко, иако една од целите на мерката беше да се направи брз обрт, па без разлика кога во декември, парите ќе бидат пуштени на сметките, тие ќе мора да се потрошат до крајот на месецот. Најмногу ќе чекаат самохраните родители, чиј конечен список е предвидено да се изготви во рок од 20 дена по стапување на законот во сила.

На социјалните мрежи врие од прашања, а најмногубројни се пензионерите, кои не знаат како да проверат дали ќе добијат по 6.000 денари, па на форумите, дури ги впишуваат своите матични броеви, што не е многу пожелно од аспект на заштитата на личните податоци. Се поставуваат и конкретни прашања – дали некој кој за 100, 200 или 300 денари, зема повисока пензија од 15.000 денари, ќе добие ваква сума? Во саботата, без дебата, Собранието експресно ги донесе законите од Четвртиот сет антикризни мерки. Граѓаните со ниски примања, пензионерите, самохраните родители, децата без родители, филмските работници и уметници ќе добијат помош од државата од по 6.000 денари, кои ќе треба да ги потрошат најдоцна до 25 декември. Сега ќе треба да се утврди листата на корисници и даватели на македонски производи и услуги. За разлика од минатиот пакет мерки, овој пат нема да се издаваат платежни картички, туку средствата ќе се исплаќаат на трансакциска сметка. Финансиска поддршка е предвидена и за лозарите преку субвенции.

Овој пат нема да се печатат посебни картички „купувам домашно“, но за да се контролира дали парите се искористени за домашни производи и услуги, секој корисник покрај трансакциска сметка ќе мора да има дебитна картичка од банка. Останува нејасно, како ќе се двојат парите од државата, од оние што лицата веќе ги имаат на сметките, односно, како ќе се контролира дека 6.000 денари ќе се потрошат за домашни производи и услуги. Министерот за финансии Фатмир Бесими веќе објасни дека банките имаат вакви системи и тоа е посебно софтверско решение.

Платежните картички се наменети за 280.000 граѓани – 5.726 самохрани родители, 182.271 пензионери со пензии до 15.000 денари, невработени што се пасивни баратели на работа  (85.108 граѓани), самостојни уметници, филмски, културни и естрадни работници.

Со третиот пакет мерки картички „купувам домашно“ со вкупно 26,8 милиони евра добија 309.000 граѓани. За новата мерка „купувам домашно“ од ребалансираниот буџет се планирани 27 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот