Пензионерите може да очекуваат мало зголемување на пензиите од 1 јули

Според сегашната законска регулатива, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 јануари и на 1 јули, и усогласувањето зависи од инфлацијата, а Партијата на пензионери бара пензиите да го следат растот на платите

Јулските пензии треба да бидат коригирани согласно со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, но Министерството за труд и социјална политика сè уште нема објавено за колкав износ ќе бидат коригирани пензиите. Партијата на пензионери не очекува некоја корекција што ќе ја подобри состојбата на пензионерите и бара да се смени начинот на усогласување на пензиите.

Според сегашната законска регулатива, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 јануари и на 1 јули, и усогласувањето зависи од инфлацијата. Претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски потенцира дека пензионерите се незадоволни, но вели дека очекува од Владата во која и оваа партија е коалициски партнер да имаат слух и да ја врати старата  методологијата на пресметка кога се земаше предвид и растот на просечната плата.

Пред некоја година се промени начинот на усогласување на пензиите и растот на пензиите зависни од растот на трошоците на живот, без да се стават во корелација со платите во државава. Навистина има една одредба, според која пензиите можат да се усогласат и со порастот на платите, но само во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 проценти и пораст на просечната плата во претходната година за повеќе од 5 проценти, а овие услови тешко се задоволуваат. Дополнително, усогласување е можно и во случај ако бруто-домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 проценти, а јасно е дека во пандемија тој услов не можеше да се исполни. Ние бараме нова методологија што ќе овозможи просечната пензија да биде 60 проценти од просечната плата, а минималната пензија да биде 70 проценти од минималната плата – вели Николовски во изјава за „Слободен печат“.

Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, просечната пензија во Македонија е 15.636 денари, но Николовски вели дека е загрижувачко колку од пензионерите не ја достигнуваат просечната пензија. Минималната пензија, пак, изнесува 9.968 денари.

Врз основа на Законот за пензиско и инвалидско осигурување на 1 јануари 2020 година пензиите не се усогласија затоа што немаше пораст на индексот на трошоци за живот. Затоа, имаше линеарно зголемување на пензиите за 722 денари, за да има некакво усогласување со растот на платите. Од 1 јули 2020 година пензиите се усогласија со 0,6 проценти и од 1 јануари 2021 година за 1,2 проценти. Значи, врз основа на растот на трошоците од живот растот од 1 јануари 2020 година е само 1,8 проценти и ова методологија треба да се промени – дециден е Николовски.

Според актуелниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување: „Пензијата се усогласува од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи, објавени од Државниот завод за статистика. Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на пензијата“.

Ова значи дека сега пресудна за усогласување на пензијата е инфлацијата во периодот од јануари-јуни 2021 година во однос периодот јули-декември 2020 година. Такви податоци за широката јавност не објавува Државниот завод за статистика, но колку за ориентација, додека се чекаат официјалните бројки за растот на пензијата од Министерството за труд и социјална политика, може да послужи објавената инфлација за првото полугодие од годинава во однос на ланското прво полугодие. Во тој случај има инфлација од 2,4 проценти, но поради континуираниот раст на цените, логично е да се очекува помала инфлација од оваа кога се споредува првото полугодие од годинава во однос на второто полугодие од ланската година.

 

Како се зголемуваат пензиите во регионот

Во сите поранешни југословенски републики коригирањето на пензиите се врши со едно балансирано усогласување во зависност од трошоците на живот и растот на платите, покажуваат анализите на Партијата на пензионери.

Во Словенија се врши усогласување на пензиите на 1 јануари секоја година со процент од пораст на платите за 60 проценти и пораст на индексот на трошоците за живот за 40 проценти, остварен во претходната година. Покрај ова усогласување, во Словенија се врши и еднократно усогласување на пензиите, таканаречено летно зголемување на пензиите, и тоа со примена на дегресивна скала, односно на помалите пензии им се додава повисок износ на додаток. Во Хрватска усогласувањето на пензиите се врши со 30 проценти од порастот на платите и 70 проценти од порастот на трошоците за живот. Во Србија усогласувањето е со 50 проценти од порастот на платите и 50 проценти од порастот на трошоците на живот, а во Црна Гора со 75 проценти од трошоците на живот и 25 проценти од порастот на платите и обратно-така што се зема поповолниот процент од движењето на овие параметри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот