Пентагон утврди: Хегсет открил чувствителни детали преку „Сигнал“, ги ставил во опасност американските војници
Овие прелиминарни наоди го зголемуваат притисокот врз поранешниот водител на „Фокс њуз“, откако законодавците побараа независна истрага за неговата употреба на „Сигнал“. Во меѓувреме, конгресмени отворија и нови истраги по медиумски извештаи дека втор напад врз наводен шверцерски брод во Карипското Море во септември убил преживеани по усна наредба на Хегсет „да ги убијат сите“.
Надзорниот орган на Пентагон утврдил дека министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, изложил на ризик американски воени лица и нивна мисија кога ја користел апликацијата „Сигнал“ за споделување чувствителни информации за воен удар против Хутите во Јемен, изјавија во средата личности запознаени со приликите, објави „Асошиеjтед прес“ (АП).
Препорачано
Сепак, Хегсет има овластување да декласифицира материјали, а извештајот не утврдил дека тоа го направил на неправилен начин, според еден од изворите кој зборувал под услов на анонимност. Истиот извор рекол дека извештајот утврдил дека Хегсет ја прекршил политиката на Пентагон со тоа што користел личен уред за службена работа и препорачал подобра обука за сите функционери во Пентагон.
Хегсет не сакал да се појави на интервју
Хегсет одбил да седне на интервју со инспекторот генерал, но доставил писмена изјава, изјавил еден од изворите. Министерот тврдел дека имал право да декласифицира информации како што смета дека е соодветно и дека комуницирал само детали кои според него не ја загрозувале мисијата.
Овие прелиминарни наоди го зголемуваат притисокот врз поранешниот водител на „Фокс њуз“, откако законодавците побараа независна истрага за неговата употреба на „Сигнал“. Во меѓувреме, конгресмени отворија и нови истраги по медиумски извештаи дека втор напад врз наводен шверцерски брод во Карипското Море во септември убил преживеани по усна наредба на Хегсет „да ги убијат сите“.
Новинар случајно бил вклучен во тајна група на „Сигнал“
Во најмалку два одвоени чатови, Хегсет споделувал точни времиња на полетување на бомбардери и моменти кога ќе бидат фрлени бомби — уште пред пилотите да полетаат.
Откритието излезе на виделина кога новинарот Џефри Голдберг од „Атлантик“ бил по грешка додаден во групен чат од тогашниот советник за национална безбедност Мајк Волц. Во чатот биле потпретседателот Џеј Ди Ванс, државниот секретар Марко Рубио, директорката на Националното разузнавање Тулси Габард и други. Групата била формирана за да дискутира операции против Хутите на 15 март.
Хегсет имал и друга група на „Сигнал“ со 13 луѓе, меѓу кои неговата сопруга и брат му, каде што споделувал слични детали за истиот напад, објави „Асосиејтед прес“.
Иако „Сигнал“ е енкриптиран, тој не е одобрен за пренос на класифицирани информации и не е дел од безбедносната комуникациска мрежа на Пентагон.
Хегсет претходно тврдеше дека ништо од споделеното не било класифицирано. Но, бројни сегашни и поранешни воени лица изјавиле за АП дека деталите со таква прецизност, особено пред напад, никогаш не би биле дозволени на неосигуран уред.
Извештајот е доставен во Конгресот
Законодавците го разгледале извештајот во класифициран простор во Капитол. Се очекува делумно редактирана верзија да биде објавена подоцна оваа недела.
Хегсет, според извори запознаени со истрагата, тврдел дека надзорот против него е политички мотивиран и дека не му верува на инспекторот генерал.
Истражителите морале да се потпрат на принтскринови објавени од „Атлантик“ бидејќи Хегсет доставил многу мал дел од своите пораки на „Сигнал“.
Портпаролот на Пентагон оцени дека процесот е „лов на вештерки“, додека законодавците, и демократи и неколку републиканци, предупредија дека споделувањето чувствителни детали пред напад можело да ги изложи пилотите на ризик.
Најголемиот скандал со протекување информации од Белата куќа откри и една страшна вистина
Контекстот на скандалот е кампањата против Хутите, кои од 2023 година напаѓаа трговски и воени бродови, што доведе до најинтензивни морски борби за американската морнарица од Втората светска војна. Хегсет споделувал прецизни детали за претстојни удари, што „Атлантик“ подоцна го објави целосно.
Тој тврди дека станувало збор за неформални, некласифицирани координации, но на сослушување во Конгресот беше притиснат да објасни дали споделувал класифицирани информации и дали ќе прифати одговорност ако инспекторот генерал утврди прекршувања.
Хегсет не даде јасен одговор, повторувајќи дека служи „по волја на претседателот“.


