Пендаровски: Тројцата руски дипломати протерани од Македонија се занимавале со шпионажа

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Гласот на Америка, вели дека сите протерани руски дипломати од Македонија излегувале надвор од статусот што им бил доделен при доаѓањето и тоа е докажано до последната буква. Иако биле со статус дипломати, тие се занимавале со шпионажа, а според Пендаровски тоа го докажале и македонските безбедносни служби и партнерските служби од НАТО.
Односите меѓу нас и Руската Федерација се на најниско ниво во историјата од познати причини. Во изминатите две години протеравме, без последните тројца, вкупно 18 руски дипломати кои беа со статус на дипломати а се бавеа со шпионажа. Секој поединечен случај како и последните три, нашите служби со помош на партнерските служби од НАТО алијансата, докажаа до последна буква дека тие излегуваат надвор од статусот кој им е даден при доаѓањето во Македонија. Значи, тие не беа дипломати и затоа беа протерани, вели Пендаровски.
Тој додава дека Македонија немала друг избор, освен да ги протера.
Сите служби надлежни за тие работи кај нас, и таа за надворешно разузнавање и таа за внатрешно разузнавање, имаат извештај во однос на активности на тие тројца дипломати и одлуката на државниот врв беше неминовна, немаше ниту избор, ниту опција. Премногу е јасно дека не се бавеле со дипломатски активности онака како што предвидуваат Виенските конвенции, посочи Пендаровски.