Пендаровски и Силјановска-Давкова повторно во „трка за Водно“

Старо-новите претенденти Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, лекарите Бујар Османи и Арбен Таравари и нивниот колега Вело Марковски, потоа лидерите на ЗНАМ и на ГРОМ, Максим Димитриевски и Стевче Јакимовски, како и Билјана Ванковска, поддржана од Левица, но и Мерсиха Смаиловиќ, предлог на Бошњачкиот демократски сојуз, се вкупно деветте кандидати, кои ја сочинуваат најбројната трка за претседател на државата досега.

На Македонија најверојатно ќе ѝ се повтори реприза на претседателските избори од 2019 година, бидејќи фаворитите на владејачкиот СДСМ и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата и за изборите на 24 април и на 8 мај (втор круг), се актуелниот претседател Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.

Претстојните претседателски избори ќе бидат со најмногу претенденти за престижната функција досега, откако во трката се вклучија девет кандидати. Додека битката во македонскиот политички блок ќе ја водат старо-новите кандидати Пендаровски и Силјановска-Давкова, во албанскиот блок ќе се судрат двајца лекари – Бујар Османи од ДУИ и Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“.
Во трката за претседател на државата се вклучуваат претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, универзитетската професорка Билјана Ванковска, која е поддржана од Левица, потоа Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачкиот демократски сојуз, Максим Димитриевски од ЗНАМ и лекарот Вело Марковски. Досега, за претседателските избори имало најмногу седум кандидати – на изборите во 2009 година.

Најголемите партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, претендентите за претседателското столче ги објавија еден ден пред почетокот на рокот за собирање потписи за претседателски кандидати.
Пендаровски доби поддршка од највисокото раководство на СДСМ за втор мандат, додека единствена кандидатка пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ е Силјановска Давкова.
Од СДСМ брифираа дека на состанок на раководството е одлучено Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. Деновиве СДСМ ќе има средби со коалициските партнери, а на 3 март ќе биде и официјалната промотивна конвенција.

– Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визијата за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритетот и кредибилитетот на институцијата претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани – велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека само Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на партијата за претседател на државата. За нејзината кандидатура на 2 март ќе се одлучува на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Силјановска-Давкова, во друштво на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на која ѝ се заблагодари дека експресно собрале 30 потписи за нејзината кандидатура, изјави дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, индивидуи, припадници на различни заедници. Таа најави дека ќе собира и 10.000 граѓански потписи за да биде рамноправна со другите кандидати.

– Ветувам, доколку станам претседателка, дека моите кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд, најдобрите во Судскиот совет, дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност, а не врз партиска блискост. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи во првиот ред – рече Силјановска-Давкова.

Таа потенцира дека е време за женска димензија во политиката, за консензус без оглед на партиска, етничка, верска и друга припадност.

Лидерот на ДУИ, пак, преку видео-обраќање на Фејсбук го промовира министерот за надворешни работи Бујар Османи за претседателски кандидат на ДУИ. Тој од Мала Речица ги повика граѓаните да се обединат за најважниот референдум и да кажат „НЕ за Русија, ДА за Европа“.

– Бујар се има докажано на домашната и на меѓународната сцена и победи во битката против Русија. Исто така, беше дел од нашата екипа за уставни измени, членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Со Бујар го почнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собрание со двотретинско мнозинство и со Бадентерово мнозинство, за да ја оствариме нашата визија за консензуален претседател. Вашата доверба ќе ни овозможи со отворањето на Уставот да го спроведеме и Договорот со Бугарија и да ја деблокираме европската интеграција и така да ѝ кажеме на Русија „оди си“ – порача Ахмети.

ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.
Кандидат за претседател од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ е предложен кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Портпаролот на партијата Никола Мемов рече дека на Македонија ѝ е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата.

– На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда и иднина. На Македонија ѝ е потребен претседател кој ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски. На овие избори, граѓаните за првпат ќе имаат можност да го дадат својот глас за одредена опција, а не, како досега, да гласаат против. Крајно време да се случи вистинската промена на политичката сцена во Македонија – рече тој.

Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници почнува утре и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот