Пендаровски и Давкова повторно претенденти за престолот

Вила „Водно“

Тактизирањето во албанскиот политички блок е поради најавата на опозицискиот Европски сојуз за промени дека ќе настапи со свој кандидат, а можно е тоа да биде жена – Мукeреме Руси, кој е меѓу основоположниците на Универзитетот во Тетово.

Додека во македонскиот политички блок веќе се исцртуваат ликовите на можните кандидати кои ќе влезат во изборната трка за шеф на државата, во албанскиот политички кампус, иако во јавноста се вртат повеќе познати имиња, се уште е нејасно дали секоја партија ќе номинира свој или ќе одат со заеднички кандидат. Ако за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ партиските анкети се навистина пресудни за тоа кој ќе биде кандидат за шеф на државата, тогаш изборната битка повторно ќе се води помеѓу Стево Пендаровски кој би атакувал на втор мандат и пратеничката Гордана Силјановска Давкова, која по вторпат ќе се обиде да се всели во претседателската вила на Водно.

Кога станува збор за кандидати на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во конкуренција со Силјановска е и универзитетскиот професор Александар Спасеновски. Анкетите, пак, во СДСМ покажуваат убедливо водство на Пендаровски, второрангирана, но неколку скалила подолу, е Радмила Шеќеринса, поранешна претседателка на партијата и ексминистерката за одбрана, додека актуелниот партиски потпретседател и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски како и актуелниот генерален секретар Миле Зечевиќ имаат речиси изедначена поддршка.
Според висок функционер на СДСМ, конечната одлука во врска со кандидатот ќе зависи и од тоа дали заедно со ДУИ и со Алијанса за Албанците ќе настапат како Европски фронт. Во тој случај кандидатот ќе ја има партиската, коалициската како и поддршката од партиите на Али Ахмети и Арбен Таравари, односно ќе биде израз на волјата на СДСМ и на владините партнери.
Анкетите покажуваат дека Пендаровски има поддршка кај албанското гласачко тело, но и дека за него би гласале членови на СДСМ кои пак, не би гласале за партијата. Пендаровски најави дека во февруари ќе обелодени дали ќе оди на втор претседателски мандат.

Тактизирањето во албанскиот политички блок за претседателските избори е поради најавата на албанската опозиција дека ќе настапи со свој кандидат. Ако Европскиот сојуз за промени и официјално номинира кандидат за шеф на државата, ДУИ и Алијанса за Албанците можно е да одат со заеднички кандидат или во претседателската трка ќе влезат секоја со свој кандидат. Од ЕСП за потенцијален претендент за „престолот“ се споменува Мукeреме Руси, која е меѓу основоположниците на Универзитетот во Тетово. Претходно универзитетскиот професор Руфи Османи и лидерот на Алијанса Арбен Таравари, ја одбија понудата да се кандидираат на изборите за шеф на државата. Интересно е дека, иако Таравари одбил да биде претседателски кандидат на опозицијата, сепак е во комбинација да биде номиниран како кандидат на Алијанса за Албанците, ако таа самостојно настапи на изборите. Ако ДУИ и Алијанса настапат заедно, лидерите Ахмети и Таравари на нивните средби како можен кандидат за шеф на државата го спомнале и Имер Селмани, кој се кандидираше за таа функција на изборите во 2009 година. Тој тогаш докажа дека може, освен албански на своето конто да прокнижи и македонски, како и гласови од помалите заедници. Според наши информации, ни Селмани нема амбиции да трча уште една претседателска трка. Неофицијално, тоа би се случило единствено ако добие поддршка и од голема македонска партија. Доколку, пак, ДУИ сама оди на избори најверојатно ќе истрча со свој партиски кандидат.

Идната недела е клучна за избор на техничката влада. Според собраниски извори, Ковачевски и членови на владиниот кабинет на 25 јануари (четврток) ќе поднесат оставки од премиерската и од министерските функции. На 26 јануари веќе е закажана пленарна седница на која ќе бидат констатирани оставките и ќе биде избран новиот претседател на Собранието, тоа е координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. На 27 јануари (сабота) престедателот на државата Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот на Талат Џафери за формирање техничка влада. Џафери бидејќи повеќе не е претседател на Собранието, туку само пратеник ќе гласа за техничката влада.
На 28 јануари (недела) ќе се одржат две седници, една за избор на техничката влада предводена од техничкиот премиер Џафери, додека на втората ќе се гласа за нов пратеник на местото на Џафери и ќе бидат избрани дополнителните заменици-министри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот