Печатница „Напредок“ Тетово по 75 години работа престана со производство, вработените без плати
Производствениот процес на Печатницата „Напредок“ Тетово каде функционираат две фирми „Напредок 1“ и „Напредок Принт“ по 75 години функционирање престана со производствен процес, реагираат вработените. Тие велат дека немаат репроматеријали за работа ниту пак добиваат плати, некои не зеле плата од август некои од октомври. И за двата проблеми истакнаа дека немаат никакво известување од менаџерскиот тим. Но, во фирмата како што велат мора да доаѓаме оти нашиот статус како вработени се уште стои.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Секој ден доаѓаме на работа, додека доаѓаше управителот функционираше и системот за електронско евидентирање. Производството до почетокот на декември се одвиваше непречено, но со напуштањето на управителот настана прекин на финансиското работење и не бевме во можност да набавиме репроматеријали. На крај на декември се потрошија репроматеријалите, не можевме повеќе да испорачуваме и службениот весник не можевме да го испорачуваме оти немавме репроматеријали немаше хартија, немаше хемикалии, а сопствениците од нашава компанија го префрлија службениот весник да се печати во друга компанија и со тоа не е запазена законската регулатива. Денеска е 3 јануари „Напредок Принт“ нема земено плата од август и не е исплатен К15, „Напредок 1 нема земено плата од октомври и не е исплатен К 15 нема никаква најава, ни ветија дека ќе не исплатат, но тоа во пракса никаде го нема. Ние уште не знаеме каков ќе биде нашиот статус, а ние сме должни да доаѓаме на работа оти не ни е решен статусот. Ништо не е сменето ние ги имаме решенијата ние сме офцијално вработени и ние сме должни да се појавуваме на нашите места додека не добиеме нов статус“, рече Живе Ќироски претседател на Синдикалната организација на „Напредок“.
Во печатницата „Напредок“ Тетово проблемите започнале од 2020 година, но оттогаш како што велат вработените ја крпевме. Сега оваа фирма некогаш гордост на државата замира.
„До сега од 1948 година функционираше во разни кризи и премрежија, но сега е дојдено до ситуација во која по наша претпоставка воопшто немаше потреба од вакво нешто. Печатницата функционираше непречено на крај не оставија без дотур на материјали и дојдени сме во ситуација печатницата да замира. Состојбата е лоша како и сите останати фирми, но тие биле тековни проблеми и навремено решавани, но во ваква состојба сме некаде од почетокот на 2020 година со корона кризата, но оттогаш почнаа да доцнат платите две до три плати и како последица на тоа ние постојано сме без здравствено осигурување, 80 % од луѓето се со минимална плата. До летото 2022 година состојбата се влоши, но производството некако течеше. Ние одлучивме синдикално да се организираме за да придонесеме да се продолжи со работа. Ние како синдикат реагиравме до фирмата и институциите, но од страна на менаџерскиот тим не наидовме на разбирање, не игнорираа и не ни одговорија на сите наши писма и барања, рече Живе Ќироски претседател на Синдикалната организација на „Напредок“.
Тие веќе имаат побарано помош од адвокат.
„Едноставно постои закон како се затвораат фирми, бараме да ни се исплатат платите, К15 и да ни се ипслатат отпремнини врз основа на стажот и да сите на некој начин одиме под Завод за вработување. Ние го бараме тоа што со закон ни следува. Работите се искомплицираа и бевме приморани да бараме правна помош која ќе не застапува во сите постапки за да се зашититат нашите интереси во двете фирми. Ние сме 43 вработени и не е никаков товар познавајќи ги нашите сопственици со што се располагаат, но не ни е позната причината зошто не не исплаќаат“, рече Живе Ќироски претседател на Синдикалната организација на „Напредок“.
Новиот управител на печатницата кусо во телефонски разговор ни изјави дека во моментот сопственикот не е тука и од него ќе добиме изјава, откако претходно ќе не контактира. Но медиумите од менаџерскиот тим се уште немаат добино ниту изјава ниту повик.


