Пазарџиите користат момент – букет суво цвеќе за Духовден – 150 денари!
Пазарџиите го искористија моментот и побарувачката пред Духовден, па еден букет суво цвеќе го продаваат по 150 денари. Уште поскапо доаѓа ако земете свежи лалиња, од кои едно чини 70 денари! Има и по некој букет од народски познатиот цвет „јатрва“ или амарилис, а за пар од нив ќе треба да издвоите 400 денари. Граѓаните се револтирани од високите цени и ги критикуваат продавачите, кои креваат раменици. Во моментот на пазарите има цвеќе само од домашните бавчи и тие количества се незначителни, но се далеку поевтини од понудата во цвеќарниците. Речиси кај сите народи во светот, вообичаено е да се носат цвеќиња кога се оди на гробишта.
Препорачано
-Не е до нас и на големо ги кренаа цените. Ние сме втора рака, а и свежо цвеќе нема речиси воопшто. Никој не влегува во бавча, полно е со кал, а во цвеќарниците се знае дека цвеќето е од увоз и е прескапо – се правдаат продавачите.
Над 80 отсто од цвеќето на домашниот пазар е од увоз, за кој годишно се издвојуваат речиси четири милиони евра. Најголема е понудата пред 8 Март, во деновите кога се најголемите слави во зима или матурските прослави на пролет. Реженото цвеќе најмногу се увезува од Холандија, Германија и Шпанија, но и од Србија. Последните години има неколку поголеми расадници за цвеќе во Гевгелија, Валандово, Струмица и во Скопје.


