Плакат за изложбата во КИЦ-Скопје

„Патување низ хармонија и надеж“ со сликите на Илина Арсова ќе се случи во КИЦ-Скопје

Во изложбениот салон „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје на 19 мај, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Патување низ хармонија и надеж“ на Илина Арсова.

Во изминатите пет години, Арсова ја истражува уметноста не само како алатка за изразување или документирање, туку и како истражувачка метода. Потпирајќи се на своето етнографско истражување на Боливиските Анди, таа ги бележи емоциите, доживувањата и искуствата, користејќи ја уметноста како начин на размислување и спознавање. Ликовниот израз служи и како визуелен дневник, интерпретирајќи приказни од локални заедници, нагласувајќи древни филозофии кои ја величаат поврзаноста меѓу човекот и природата.

Во тој контекст, проектот „Патување низ хармонија и надеж“ се јавува како интердисциплинарно истражување на единството, емпатијата и коегзистенцијата, поканувајќи ја публиката не само да набљудува, туку и активно да учествува. Преку визуелна уметност, дијалог и интеракција, хармонијата се појавува како жив процес, кој ја преобразува различноста во поврзаност, а коегзистенцијата во надеж.

Родена во Скопје, Илина Арсова дипломира на Факултетот за ликовни уметности во 2005 година, во класата на Јован Шумковски и Рубенс Корубин. Истата година станува член на ДЛУМ, каде активно изложува веќе две децении. Нејзината уметност е инспирирана од природата, планините и искуството на движење во екстремни услови, со порака за подигнување на еколошката свест и промовирање на социјална правда. Има реализирано 20 самостојни изложби и учествувано на бројни групни изложби во земјата и во странство.

Арсова е авторка на научни трудови и три книги: „Планинарење“ (2020), „Седумте“ (2021) и детската книга „Највисокиот врв“ (2023). Во 2025 година докторира на Универзитетот во Тенеси во областа на социокултурни студии во спортот. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои „ЕУ жена на годината 2022“, „13 Ноември“ (2020) и „Златна Бубамара“ (2013, 2020).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот