Патниците во шок, пилотот на психоделични печурки – судот му одреди најблага казна
Поранешниот пилот на „Аљаска ерлајнс“, Џозеф Емерсон, кој во октомври 2023 година се обиде да ги изгаси моторите на патнички авион за време на лет, нема да помине дополнително време во затвор, одлучи американски сојузен судија.
Препорачано
Емерсон е осуден на веќе одлежаното време во притвор и три години условна слобода под надзор, пренесува „Скај њуз“.
Драматичен инцидент во авион со 80 патници
Инцидентот се случил на летот на „Хорајзон ер“ од Еверет, Вашингтон, кон Сан Франциско.
Емерсон, кој тогаш не бил на должност, седел во кокпитот на помошното седиште. Тој се обидел да повлече две црвени рачки што го активираат системот за гасење пожар, што би го прекинало дотокот на гориво во моторите.
Брзата реакција на екипажот спречила катастрофа, а авионот со повеќе од 80 патници и членови на екипажот бил пренасочен кон Портланд, пренесува Блиц.
„Мислев дека сонувам“
По апсењето, Емерсон ѝ кажал на полицијата дека два дена пред летот земал психоделични печурки и дека не спиел повеќе од 40 часа.
Тврдел дека бил вознемирен поради смртта на пријател и дека во моментот на инцидентот мислел дека сонува и дека се обидува да се разбуди.
„Не сум жртва“
На судот во Портланд, судијката Ејми Баџио го истакнала човечкиот фактор во случајот.
– Пилотите не се совршени. Тие се луѓе. Тие се луѓе и на сите луѓе понекогаш им е потребна помош – рекла таа.
Емерсон поминал 46 дена во притвор пред да биде пуштен во декември 2023 година под услов да побара помош за ментално здравје, да избегнува дрога и алкохол и да се држи подалеку од авиони.
Неговиот адвокат рекол дека клиентот по излегувањето од затвор заминал на лекување поради „пореметување предизвикано од консумација на алкохол“ и дека од тогаш е трезен.
Самиот Емерсон му се обратил на судот со каење.
– Не сум жртва. Тука сум како директна последица на моите постапки. Можам да ви кажам дека овој навистина трагичен настан ме натера да пораснам како индивидуа – рекол тој.
Обвинителот Џефри Бароу нагласил дека биле загрозени животите на 84 лица и дека екипажот „го спаси денот со својата интервенција“.
Одвоени државни обвиненија
Освен сојузните обвиненија за попречување на летачкиот екипаж, Емерсон се соочил и со одделна државна обвинителна постапка во Орегон. Таму бил обвинет по 83 точки за загрозување на друго лице и една за загрозување на авион.
По тие обвиненија осуден е на 50 дена затвор, со вклучено времето поминато во притвор, пет години условна казна и 664 часа општествено корисна работа.


