Патниците од автобусите на штрек, надвиснати гранки удираат по возилата

ЈСП автобус
Автобус на ЈСП / Фото: МИА

Од ЈП „Паркови и зеленило“ кои се одговорни за одржување на зеленилото во градот, тврдат дека тековно и континуирано вршат кастрења на високата вегетација во градското подрачје.

Речиси и да нема патник што се вози со некој од автобусите на ЈСП „Скопје“ или во некој од автобусите на приватните превозници, што не се исплашил од силниот удар што го предизвикале гранки на крошните на дрвјата по автобусите. Ваквите удари од гранки по стаклата и по кровот на автобусите, особено на оние двокатните, е проблем што трае со години наназад и кој најмногу е карактеристичен за периферните линии, односно за споредните улици на кои има предвидено траса за движење на некоја автобуска линија.

Па така, ако за кастрење на гранките на дрвјата во должина на скопските булевари се задолжени екипите на ЈП „Паркови и зеленило“, сечењето на гранките што „излегуваат“ од дворовите е обврска на сопствениците, односно на стручни лица што ќе бидат ангажирани и на тој начин ќе се придонесе кон помирно и побезбедно патување на граѓаните, но и ќе се спречи евентуална материјална штета, која може да биде предизвикана од ударот на гранките врз возилата.

-Патувам со автобусот број 27, кој сообраќа од населбата Вардарска до Дом на печат. Додека поминува автобусот кој речиси секогаш е од оние двокатните, постојано се случува додека вози по улицата Ѓорѓи Капчев да слушам удари од надвиснати гранки од дрвјата засадени во дворовите на локалното население. Навистина не разбирам како сопствениците не сфаќаат дека мора да си ги поткастрат дрвјата и на тој начин да ја намалат можноста од несакани последици доколку се случи посилен удар врз возилото. Состојбата е полоша во периодите од годината кога е тополо па прозорците од возилото се отворени. Така надвиснатите гранки лесно влегуваат и во внатрешноста на автобусот што освен материјална штета можат да бидат причина и за повреда на накој патник – вели Мартина од Лисиче.

За жал, состојбата е идентична и на скопските булевари и на пофреквентните сообраќајници. Дури и на нив честопати се случува гранки да гребат по кровот на двокатните автобуси и да ги плашат патници доколку се случи посилен удар.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ кои се одговорни за одржување на зеленилото во градот, велат дека тековно и континуирано вршат кастрења на високата вегетација во градското подрачје.

-Екипите од секторот Дрвореди, во планираните активности на одржување на високата вегетација низ градското подрачје, тековно, континуирано вршат кастрење на гранките од крошните на дрвјата низ сообраќајниците во градот. Заедно, во соработка со ЈСП, односно по нивно барање секоја втора недела (обично во викендите) реализираме по една акција онаму каде тоа е потребно да се поткастрат високите гранки, за прегледност и непречено одвивање на сообраќајот низ градските улици и булевари – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Оттаму велат дека освен тоа што континуирано работат на оформување на крошните на дрвјата, покрај многубројните активности кои во овој период се реализираат од нивна страна, есенва спроведуваат и интензивна акција за раззеленување на јавните површини низ градот со нови садници од најразличен вид.

-И оваа есен се спроведе акција на раззеленување на јавните зелени површини со садење на нови садници. Повеќе видови зимзелени и листопадни садници се веќе дел од дрворедите покрај булеварското зеленило како и градските паркови, каде што со оваа акција и предвидените буџетски средства се засадија 1.400 садници од видовите: пироканта, туја, хамаципарис, купресус, лаванда, котонастер, ликвидамбар, каталпа, ацер, пицеа, прунус, тилиа, платанус, јуниперус, еуонимус, буксус, фотинија и други. Секако, онаму каде што е потребно ќе бидат заменети со нови садници – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Видео на денот