Патиштата се екстремно опасни вечерва, надлежните апелираат да не се вози никаде
Надлежните вечерва издадоа предупредување за условите на патиштата, опишувајќи ги како екстремно опасни поради појава на поледица – тенок слој мраз врз асфалтот предизвикан од нагло замрзнување на капки дожд или снегулки во контакт со тлото. Ова е особено изразено во западните делови од државата.
Препорачано
Според информациите што ги соопшти Центар за управување со кризи (ЦУК), забележани се и повеќе случаи на заглавени возила, како и едно излетување од пат.
Како тешко проодни се наведуваат патиштата: Скопје – Тетово, Тетово – Гостивар, Маврово – Дебар, Кичево – Охрид, како и патниот правец Козјак – Скопје. Дополнително, проблеми се пријавени и на повеќе регионални патишта во западна Македонија, каде што снежните наноси и намалената видливост го зголемуваат ризикот.
Според порталот „Скопје инфо“, само на автопатот Тетово-Гостивар, кај клучката за селото Неготино, вечерва се случиле три последователни сообраќајни несреќи за кратко време, а во нив учествувале десетина возила.
Засега нема подетални информации за овие несреќи, освен тоа дека во нив е повреден еден човек. Сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива забавено и со повремени застои.
Портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, информира дека полициски екипи се на терен и работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, ги повика жителите на градот вечерва да не ги напуштаат своите домови, ниту со возило ниту пешки, освен во најнеопходни случаи.
„Патиштата се исклучително лизгави, евидентирани се бројни несреќи и постои реален ризик по животите и безбедноста на граѓаните“, вели Касами во објава на социјалните мрежи.
Тој додава дека екипи се на терен и преземаат мерки за обезбедување на сообраќајот, а граѓаните се замолуваат за разбирање и внимателност.
Автомобил паднал во Радика кај Бигорскиот манастир, спасители итаат кон местото


