Али Ахмети Фото: Фејсбук Ахмети

Партиите го одбиваат условот на ДУИ – Ахмети може само да сонува „Бадентерова влада“

Изјавата на Али Ахмети дека Бадентеровиот принцип ќе биде услов за влез на ДУИ во идна влада предизвика бран реакции. Поголемиот дел од партиите оценуваат дека ваквиот услов е неприфатлив и спротивен на логиката на парламентарната демократија.

Со барање што уште на стартот предизвика силни политички реакции, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека изборот на идна влада со примена на Бадентеровиот принцип ќе биде услов без кој неговата партија нема да влезе во извршната власт, без разлика кога ќе се одржат парламентарните избори.

Иако формално образложен како механизам за заштита на правата на заедниците, сепак ваквиот став кај поголемиот дел од политичките партии беше дочекан како неприфатлив, нереален и спротивен на логиката на парламентарната демократија.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа остро. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оцени дека Ахмети нуди застарена реторика, која повеќе не комуницира со реалните проблеми на граѓаните.

– Претседателот на ДУИ Али Ахмети сè уште живее во фолклорот откога првпат има земено учество во владата од 2002 година. Поминати се повеќе од 20 години од времињата во кои е заглавена неговата свест. Можеби длабоко во себе знае дека сите овие работи за кои зборува се нереални, но се чувствува дека му е стеснет политичкиот простор и нема друга тема на која може да дискутира. Јас не верувам дека има во оваа држава млад Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Влав, кој верува во сите овие работи. Јас знам дека нашите граѓани очекуваат да обезбедиме подобри услови во делот на стандардот на живеење. А овој политички фолклор потекнува од период што е од пред 20, па и повеќе од 20 години. Недостигот на креативност и визија е причината зошто ДУИ е во опозиција. А по оваа реторика што доаѓа од господинот Ахмети, тоа што мене ми станува сè појасно е дека ДУИ уште еден подолг период веројатно ќе мора да остане опозиција – изјави Муцунски во интервју за емисијата „360 степени“ на МТВ.

Од СДСМ засега настапуваат повоздржано. Потпретседателката на партијата Фани Каранфиловска во разговор за „Слободен печат“ вели дека конечен став сè уште не е донесен.

– Во моментов немаме изградено став околу ова прашање. Деновиве ќе одржиме состанок на раководството во партијата и ќе имаме јасен став дали е прифатлив или неприфатлив условот на Али Ахмети – ни изјави Каранфиловска.

Јасно против идејата се изјаснија и од ЗНАМ. Пратеникот Бобан Карапејовски за „Слободен печат“ вели дека ваквиот пристап е спротивен на суштината на Бадентеровиот принцип.

– Апсолутно е неприфатлива идејата за избор на Влада или, пак, донесување одлуки на Уставниот суд со Бадентерово мнозинство. Идејата на таканаречениот „Бадентер“ е да не се изврши мајоризација од страна на побројната етничка заедница врз другите. И тоа е благородна идеја, која предвидува заштитни механизми во делот на културните, образовните и некои права поврзани со делкарирањето на идентитетот (јазик, симболи и сл.) за немнозинските заедници. Но, апсурдно е да се цени уставност на некој закон низ етничка призма. Или, пак, при изборот на Влада, огромно мнозинство гласачи да се определило кој ќе ја води државата, а квалификувано малцинство (во бројна смисла) да го блокира тоа. Иако, сме имале и такви случаи, но таквата практика треба да запре, а не да се озаконува. Некои политички партии мора да сфатат дека сосема нормално во циклусот на постоењето е да се биде и на власт и во опозиција, и не смее етничкиот момент да биде џокерот преку кој ќе се обезбедат фотелји на Илинденска – изјави Карапејовски.

Во ист тон реагираше и Левица. Пратеникот Амар Мециновиќ смета дека ваквите идеи го водат системот во погрешна насока.

– Политичкиот систем на Македонија треба да се унапредува во насока на кохезија и демократизација, уважување на сите гласови еднакво и, крајно, консолидација на унитарниот карактер на државата, не дополнителни механизми за брокерство на моќ и федерализирање на процесите – вели Мециновиќ за „Слободен печат“.

Критичка реакција стигна и од ЛДП. Претседателката на партијата Моника Зајкова порача дека ваквите национални теми се целосно одвоени од реалните проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.

– Изборот на владата е прашање на политички легитимитет и парламентарно мнозинство, а не на етничка припадност. На Македонија ѝ треба стабилна, реформска влада што ќе ги решава проблемите на сите граѓани, а не да создава блокади или нови поделби по кои било основи. ЛДП бара поддршка од сите политички чинители за реални решенија како незастарување на кривичните дела, укинување на непотребните банкарски провизии, електронска нараквица, укинување на заменичките директорски функции, намалување на паушалите во регулаторните тела. Доста е од национални теми. Граѓаните се задушуваат во загаден воздух, висока инфлација, недостапна терапија во здравство и навистина не ги интересира како некој ќе се пазари за влез во Влада – изјави Зајкова за „Слободен печат“.

Поддршка за предлогот на Ахмети доаѓа од Демократска партија на Турците во Македонија. Пратеникот Бејџан Иљас смета дека воведувањето Бадентерово мнозинство при избор на влада е оправдано и потребно.

Тој оценува дека предлогот е добар и дека треба да се примени, посочувајќи дека во актуелната влада нема ниту еден министер или заменик-министер Турчин, иако, како што посочува, Турците се трета најголема заедница во државата.

Различните, а во најголем дел негативни реакции од политичката сцена, покажуваат дека условот што го постави Ахмети нема широка поддршка.

ДУИ ќе влезе во влада само ако се избира со Бадентер, Ахмети нуди договор за „спас“ на Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот