Папата Франциск жали поради „реките од крв и солзи“ што течат низ Украина
Папата Франциск денеска изрази жалење поради „реките од крв и солзи“ што течат низ Украина по руската инвазија и повика на воспоставување хуманитарни коридори. „Реки од крв и солзи течат низ Украина, ова не е само воена операција, туку војна која сее смрт, уништување и беда“, рече тој по молитвата и повика да се воспостават „вистински хуманитарни коридори“ за помош на населението.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Бројот на жртвите расте, како и бројот на луѓе кои бегаат, особено мајките и децата. Потребата од хуманитарна помош во оваа маченичка земја драстично расте од час во час“, рече папата.
Бројни украински знамиња се вееја меѓу толпата верници собрани на плоштадот Свети Петар каде папата ја одржа неделната молитва.
„Од срце повикувам да се обезбедат вистински хуманитарни коридори и да се олесни пристапот до опколените области. Само на тој начин можеме да обезбедиме витална помош на нашите браќа и сестри кои се соочуваат со бомбардирање и страв“, рече папата.
„Апелирам да престанат вооружените напади и да продолжат преговорите, да надвладее здравиот разум и да се обнови почитувањето на меѓународното право“, додаде папата Франциск и им се заблагодари на новинарите кои „го ставиле во опасност животот“ за да го информираат светот за настаните во Украина.


