„Панили“ ја објави книгата „Автобиографија“ од Марко Цепенков по повод 105-годишнината од неговото упокојување
Книгоиздателството „Панили“ ја одбележува 105-годишнината од упокојувањето на најпознатиот македонски собирач на народни умотворби, Марко Цепенков, со објава на неговата „Автобиографија“, напишана во 1896 година – издание со кое делото на Цепенков се доближува до новите генерации на XXI век.
Препорачано
– Од сите собирачи на македонското народно творештво, Марко Цепенков има најдолга запишувачка практика – повеќе од 40 години собирал народни умотворби. Освен тоа, за разлика од другите собирачи на македонските народни умотворби (Браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев, Стефан Верковиќ), кои во својот фонд собрани фолклорни материјали имаат и творби што ги добиле од други запишувачи, Марко Цепенков лично самиот ги запишал своите фолклорни и етнолошки материјали. И по вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и по жанровската разновидност на собраните фолклорни материјали, Марко Цепенков е најголемиот собирач на македонски народни умотворби – истакнува Раде Силјан во обемниот поговор на ова издание.
Во вкупниот број публикувани и непубликувани дела од фондот на Цепенков можат да се набројат повеќе од 5.500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2.900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и сл.).
Неговата автобиографија претставува богат извор за проучување на животот и обемното собирачко дело на Цепенков. Но, едновремено, таа не е само животна приказна, туку е и комплетно авторско дело коешто треба да биде еден од клучните изворници за македонскиот XIX век.
Имајќи предвид дека ова издание на „Панили“ има за цел „Автобиографија“ на Цепенков да ја доближи до новите генерации, подготвено е на начин што овозможува негова достапност и разбирливост и за најмладите.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 291, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.7.2025)


