Панделески се спаси од „Империја“ – сега ќе ја пресметува штетата што му била нанесена
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го повлече во декември минатата година обвинението против бизнисменот Цветан Панделески обвинет во случајот „Империја“, јави БИРН, а бизнисменот во писмо до јавноста пишува дека оваа постапка му нанела правни, економски и репутациски последици и најавува понатамошни чекори, за да биде исправена нанесената штета и неговиот иден деловен ангажман.
Препорачано
Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи. Тој во доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“, меѓу кои и Кираца Трајковска, која беше поголем акционер.
Според обвинението, парите стекнати со измама биле префрлани преку заеми за да се прикрие нивното потекло. Еден од сведоците на правдата, кој бил сопственик и управител на фирмата што се офајдила, ги пренел парите на три фирми и еден човек. Својот удел во фирмата го префрлил на трите фирми. На крајот, парите биле исплатени како дивиденда, а фирмата била префрлена на офшор-компанија од Белизе, а потоа ликвидирана.
„Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), што, освен за Панделески, се водеше и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски. Митровски призна вина и доби условна казна.
Обвинителот Азизи, кој го наследи предметот во текот на доказната постапка, утврдил дека не може да опстои ниедно од двете дела за Панделески.
Панделески сега пишува дека се потврдило она што го тврдел континуирано, дека против него не постоеле релевантни докази за сторено кривично дело.
– Овој исход за мене не претставува победа, туку задоцнета институционална потврда дека правото и фактите, и покрај сè, мора да надвладеат. Истовремено, не може да се игнорира фактот дека оваа повеќегодишна постапка остави сериозни последици врз мојот личен и деловен интегритет, како и врз компаниите со кои сум поврзан. Во изминатите години тие функционираа под постојан притисок, правна неизвесност и нарушена деловна репутација, што неминовно влијаеше врз нивната работа и развој. Во наредниот период ќе биде направена детална анализа на сите последици од оваа постапка – правни, економски и репутациски – по што ќе донесам одлука за понатамошните чекори, вклучително и за начинот на исправување на нанесената штета и мојот иден деловен ангажман – порачува Панделески во пишаната реакција.
Овој случај е дел од предметот „Империја“ кој го водеше обвинителката Лиле Стефанова, во кој, Обвинителството гонеше 19 луѓе во различни постапки. Во „Империја“ со обвинителството се спогодија поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев. Уште е отворен предметот за делот стечајот на МПМ, каде што се опфатени Јордан Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева.


