Палчо работеше на проруска агенда во земјава и со високи великодостојници на МПЦ, вели Пендаровски

Фото: Стево Пендаровски / Фејсбук

Немам никакви сознанија со кого некогаш се среќавал амбасадорот во Словенија, Горан Милевски, вклучително и со првоосомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски – вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Според Уставот и законите, шефот на државата го потпишува указот за назначување амбасадор на предлог на Владата.

„Да бидеме реални, Палевски беше и претседател на некаква помала партија, претпоставувам се среќавал и со новинари и со лидери на политички партии во тој период кога никој од тие негови соговорници не можел да претпостави, дека тој, сега пак претпоставуваме – ќе биде двоен убиец за година-две од тој период. Во предлогот на Владата за Горан Милевски имаше само најдобри квалификации зошто тој треба да биде наш амбасадор во Словенија и јас го прифатив тој предлог. Ако Владата посака да го враќа, мора да ми прати повторно предлог и да биде образложено зошто овој пат бара негово враќање, па како крајна инстанца да одлучам”,образложи Пендаровски.

Прашањето за средбите на Милевски со Палевски го наметна премиерот Димитар Ковачевски во неодамнешното интервју за „360 степени“. Ковачевски откри дека го прашал и францускиот претседател Емануел Макрон дали знае кого примаат на гости во француската амбасада во Скопје.

На прашањето за надворешни влијанија врз Палевски и луѓето околу него, Пендаровски одговори:

„Во делот на сознанија, значи непотврдени во судски процеси, бидејќи такви нема, првоосомничениот беше поврзан со елементи кои работеа на проруската агенда во Македонија. За жал, според истите сознанија, тој беше поврзан и со некои високи црковни великодостојници во МПЦ“.

Прашан дали може тие влијанија да се поврзат со двојното убиство, Пендаровски вели дека досега не видел таков податок.

„Треба да шпекулирам во рана фаза на случајот, не можам да видам досега од она што е јавно познато како податок. Да оставиме, сепак, судскиот процес да си го направи своето. Многу е битно првоосомничениот да дојде, да го соочите со овие тројца обвинети кои се сега во притвор за да се види дали тие нивни вербални искази кои ја префлраат вината кај него се точни. Само низ таква контрадикција во судската постапка можеме да ја дознаеме вистината за случајот и се разбира, многу странични експерти кои ќе бидат сигурно ангажирани – психијатри, психолози, социолози, бидејќи е неопходно мултидисциплинарно истражување на овој случај кој не е само судски и не е само политички или врзан со некакво параразузанвачко милје, туку е сигурно врзан со некои процеси кои се случувале во главите на тие нелуѓе“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот