Падот на прекрасната Типи Хедрен: Одбила да спие со Хичкок, а тој ѝ ја уништил кариерата во Холивуд

Фото: Profimedia

Британскиот филмски режисер Алфред Хичкок беше кралот на морничавото и токму тоа го сакаше публиката. Но, зад сцената, неговото однесување било чудно на еден поинаков начин со една од неговите музи, пишува „Стил“.

Американската актерка Типи Хедрен (94) откри одвратни детали од снимањето на култниот хорор филм „Птиците“ („The Birds“) (1963). Имено, Хичкок се опседнал со неа и ја демнел за време на снимањето. Тој го анализирал нејзиниот ракопис, па дури и натерал некој да ја следи надвор од работното време. На снимањето, тој ја заклучил Хедрен во соба со живи птици додека не морала да биде хоспитализирана. Врисоците од филмот, за жал, биле вистински.

Кога режисерот ја ангажирал за оваа улога, Хедрен имала 31 година, нејзината манекенска кариера била при крај, таа била разведена од актерот Питер Грифит и сама ја растела својата 4-годишна ќерка Мелани Грифит.

Рекламен флаер со Типи Хедрен за „Авондејл фабрикс“ од 1952 година / Фото: Neil Baylis / Alamy / Alamy / Profimedia

Хичкок ѝ се јавил и ѝ понудил договор, а воопшто не му било грижа дали згодната русокоса знае да глуми. Ѝ помагал да го научи пробниот текст со сопругата Алма, кој бил задолжителен за да биде вработена од страна на филмското студио „Јуниверзал“.

Тој ѝ го открил својот голем план да биде главната ѕвезда на „Птиците“ за време на една забава, на која ѝ подарил златен брош со три птици на него. Сите филмски работници во Холивуд се прашувале зошто ѝ понудил толку голем проект на аматерска актерка, но Хичкок инсистирал таа да биде избрана.

Наскоро почнал да ја третира како нешто што е во негова сопственост. Подоцна Хедрен дознала дека тој им забранил на Шон Конери и Род Тејлор, со кои таа глумела, да се зближат со неа.

Типи Хедрен во „Птиците“ / Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Додека таа се шетала низ сетот, тој ѝ упатувал морничави погледи, полудувал кога таа разговарала со мажите со кои работела, а неговото однесување ја вознемирувало целата екипа.

„Жал ми е што минуваш низ сето ова“, ѝ рекол во еден момент колега на сетот.

Еден ден во хотелот насилно се обидел да ја бакне пред сите, тоа го виделе луѓето кои работеле со нив и многу гости на хотелот. Таа врескала, го оттурнала и истрчала во собата.

Типи Хедрен и Алфред Хичкок / Фото: The Hollywood Archive / Avalon / Profimedia

Ден потоа, таа снимала сцена во која ја напаѓаат птици додека зборува на говорница. Некако, механичка птица се забила во стаклото и фрагменти летнале кон нејзиното лице. Хедрен долго време се прашувала дали тоа било неговиот начин да ја казни затоа што го одбила.

Еднаш ја начекал и ја замолил да го допира на снимањето, а неговиот личен асистент постојано ја повикувал да излезе на пијалок или вечера со него. Таа го одбила сето тоа и се држела на дистанца во текот на целото снимање.

Потоа следело снимање на сцена во која ја напаѓаат птици додека е заробена во спална соба. Асистентот на режисерот дошол кај неа и рекол дека механичките птици се „расипале“ и дека сцената ќе ја снимаат со вистински птици. Храбро влегла во кафезот изграден во спалната соба и го чекала моментот кога врз неа ќе бидат пуштени дивите птици.

„Беше грдо, брутално и безмилосно“, рече таа.

Типи Хедрен во „Птиците“ / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

После тоа, за некои други сцени и прикачиле живи птици на нејзиното тело, но и на нејзиното рамо. Една од нив за малку ќе ѝ го повредила окото.

„Не сакам повеќе“, извикала таа и почнала да плаче во еден момент.

Тогаш кога ја оставиле сама на снимање, едвај стигнала дома, а цел викенд губела свест од шок и исцрпеност. Кога се вратила на снимање во понеделникот, се онесвестила во соблекувалната. Една недела била под лекарски надзор.

„Птиците“ стана хит, а таа филмска ѕвезда.

Шон Конери и Типи Хедрен во „Марни“ / Фото: – / Everett / Profimedia

Следниот проект што морала да го направи, поради двегодишниот договор со Хичкок, бил филмот „Марни“ („Marnie“), за жена која доживеала сексуална траума. Актерот Шон Конери го глумеше нејзиниот шеф кој ја принудува на брак и сака да се соочи со нејзиниот патолошки страв од мажите. На нивната прва брачна ноќ, тој ја силува.

Таа е убедена дека филмот е остварување на фантазијата на Хичкок за неа. За време на снимањето на тој филм, тој нарачал маска од лицето на Хедрен, иако за тоа воопшто немало потреба во филмот. Нејзината гардероба се наоѓала веднаш до неговата канцеларија, а тој можел незабележано да се прикраде од задната врата.

Постојано ѝ кажувал колку ја сака, а еднаш ѝ изјавил љубов. Таа повторно побегнала. Многу го налутила и по неколку дена ја повикал во канцеларијата каде што ја нападнал.

„Не сакам да зборувам за тоа, но беше многу перверзно и трауматично“, признала актерката.

Алфред Хичкок и Типи Хедрен / Фото: Pictorial Press Ltd / Alamy / Alamy / Profimedia

Колку повеќе таа се борела, толку тој станувал поагресивен. Тогаш тој ѝ рекол: „Ќе ти ја уништам кариерата и нема да можеш да ја издржуваш ќерката или родителите“.

Тоа и се случило. Тој ја блокирал нејзината номинација за Оскар, ја прекинал секоја можност за нејзина можна соработка со други режисери и се погрижил таа никогаш да не глуми на друго место.

Сепак, таа се борела.

„Можеби ми ја уништи кариерата, но не успеа да ми го уништи животот“, вели жената чија ќерка е Мелани Грифит, а внука – Дакота Џонсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот