Пациенти вратени од Онкологија, го нема нивниот лек

Лекот доцни поради новогодишните празници, а во четврток ќе го има, тврди директорот Нино Васев.

На Клиниката за радиологија и онкологија вчера неколку пациенти не можеле да ја примат својата редовна цитостатска терапија, затоа што Клиниката ги нема потребните лекови – велат за „Слободен печат“ дел од пациентите, а информацијата ја потврдуваат и извори во Клиниката.

Пациентите со разни канцерогени заболувања ја примаат својата терапија во дневната болница во рамките на Клиниката, но снабдувањето со лековите во последно време е нередовно, па се случува пациентите да бидат враќани од закажаните термини, велат тие.

– Распоредот на примањето на терапијата е мошне прецизно определен, па секое одложување на терапијата лошо се одразува на нашата здравствена состојба – велат пациентите.

Директорот на Клиниката за радиологија и онкологија Нино Васев вели дека му е познат случајот, но тврди дека не станува збор за големо доцнење.

– Не станува збор за цитостатска терапија туку за т.н. целна или таргетна терапија. Станува збор за лек од Швајцарија, кој го немаме, но в четврток ќе го добиеме. Доцни само неколку денови поради новогодишните празници и царинските формалности. Тие лекови се нарачуваат еднаш месечно. Со доцнењето се засегнати само три пациентки и тие ни вршат притисок. Еве, ми се јавуваат и од други редакции со истото прашање. Лекот ќе го има во четврток. Откако јас сум директор, секогаш има лекови. Ако сè друго во државата функционира како што функционирам јас овде, во неа нема да има никакви проблеми – вели директорот Васев.

Сепак, извори во Клиниката не го делат неговото мислење. Лекарите се жалат дека директорот работи сè на своја рака, со месеци не се одржуваат стручни состаноци, ниту лекарски колегиуми и тие немаат информации за тоа што се случува во Клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот