Ова е за жалење, истакна европскиот амбасадор во Тирана откако политичари запалија столчиња пред парламентот

Фото; Euronews

Во Албанија не престануваат реакциите по вчерашните насилства во законодавниот дом, предизвикани од опозициските албански демократи.

Попладнево реагираа амбасадата на Соединетите Американски Држави и на Обединетото кралство, кои искажуваат загриженост и ги осудуваат актите на насилство.

„Ваквите штетни и потенцијално штетни дејствија немаат место во демократскиот процес. Ги повикуваме сите вклучени страни да покажат воздржаност, да се вклучат во конструктивен дијалог и да ги прифатат вредностите на почит и граѓанство, додаваат од Амбасадата на САД

Амбасадата соопштува дека поддржува мирни и кооперативни дискусии за преговорите за членство на Албанија во ЕУ.

„Ги поддржуваме мирните и кооперативни дискусии поврзани со преговорите за членство на Албанија во ЕУ и ќе продолжиме да стоиме покрај албанските институции додека тие работат на приближување на Албанија до евроатлантската заедница, се наведува во соопштението од американската амбасада.

Во реакцијата на Британската амбасада се нагласува дека насилството нема место во демократијата и се бара од сите албански политички партии да се вклучат во конструктивен дијалог и мирни парламентарни процеси.

-Ја осудуваме секоја активност која има за цел да ги поткопува овие принципи и остануваме посветени на поддршката на народот и демократијата во Албанија, се вели во соопштението на британската амбасада.

Амбасадорот на Европската унија во Тирана, Силвио Гонзато повика да се „намалат тензиите и да се избегнат нападите“.

– Без разлика каков став или идеја имаме, ова не е начин да се изрази мислењето. Ова е за жалење. Исто така, морам да кажам дека во една функционална демократија како Албанија, незадоволството од различни видови треба да се изрази на вистински начин и да не се употребува насилство или да се врши насилство или да се направи штета на имот за да се изрази мислењето, рече Гонзато.

Вчерашната попладневна седница на албанскиот парламент траеше само 15-тина минути, поради хаосот што го предизвикаа опозициските демократски пратеници, па претседателката Елиса Спиропали мораше да ја прекине.

Тензичната ситуација почна на самиот почеток кога Спиропали побара да му се одземе мандатот и од Централната изборна комисија да се побара замена за пратеникот Ервин Салињани, кој во моментот е на издржување затворска казна.

Веднаш потоа демократските пратеници ја блокираа собраниската говорница, фрлаа со разнк предмети кон Спиропали, упатуваа навреди, дури и кон обезбедувањето, во што предничеше Фљамур Нока, инаку и генерален секретар на партијата, кој сакаше физички да се пресмета со социјалистот Петро Кочи.

Демократите ги извадоа столчињата на кои седат во салата, пред собраниската зграда, ги полеаја со бензин и ги запалија.

– Сцената прикажана на денешната пленарна седница, со блокирана говорница и запалени столчиња, ќе биде таа што секојдневно ќе го придружува Собранието. Техничката влада е решението Албанија да оди напред и да спроведе слободни избори, изјави Нока по седницата.

Ваква тензична атмосфера во албанскиот законодавен дом не се новина. Претходно речиси цела година седниците беа прекинувани по само десеттина минути од почетокот и во хаос изгласувани документи само со гласовите на владејачкото мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот