Повикот е отворен до 25 февруари на полноќ

Отворен е повик за учество на млади поети на „Отскочна даска #5“ во рамките на 6. „Скопски поетски фестивал“

Петта година по ред, „Скопски поетски фестивал“ го организира настанот „Отскочна даска“, наменет за младите поети на возраст од 16 до 30 години, коишто со својата поезија ќе се претстават на 12 март, со почеток во 20 часот, во Скопје.

Повикот е наменет за сите што можеби веќе ги објавиле своите први песни во некое книжевно списание, или веќе ја објавиле и својата прва стихозбирка, можеби веќе настапиле на некое поетско читање или чекале токму ваква можност да се охрабрат и да го направат тоа за да бидат прочитани, видени и слушнати и, споделувајќи ги своите стихови, да стекнат нови пријателства на овој преднастан на фестивалот.

Интерно жири, врз основа на испратените песни, ќе ги избере учесниците што ќе настапат на „Отскочна даска #5“, а вечерта, на поетското читање, тие самите, со анонимно гласање, ќе го изберат најдобриот или најдобрата меѓу нив врз основа на севкупниот впечаток по настапите. Со ова ќе одлучат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на шестото издание на СПФ и ќе чита како претставник на најмладата генерација, заедно со другите повозрасни и етаблирани поети.

Дополнително, со избраните поети ќе се одржи и работилница за уредување на песните, што пред почетокот на фестивалот ќе бидат објавени во посебно издание, заедно со песните на сите досегашни учесници на минатите изданија на „Отскочна даска“.

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 30 години и да испратат куса биографија, фотографија (портрет) со висока резолуција и две свои песни во Word на мејлот [email protected] најдоцна до 25 февруари на полноќ.

Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 5 март на Фејсбук и на Инстаграм страниците на фестивалот, а потем ќе бидат контактирани и по имејл. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ на 7 мај ‒ стои во повикот на „Скопски поетски фестивал“.

„Скопски поетски фестивал“, чиешто шесто издание ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај, е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот