Отстранети грешките во документацијата, шесте „сини“ автобуси станаа црвени: Ќе се вклучат ли конечно во јавниот превоз?
Поради погрешен број на шасија на еден од автобусите како и бојата на автобусите, каде наместо црвена во документите била впишана сина боја, новите донирани автобуси, иако потребни, цел месец останаа гаражирани. Советот на Град Скопје усвои одлуки со кои се отстранија овие грешки.
Помина цел месец откако ЈСП „Скопје“ доби како донација шест еколошки автобуси во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“. Едноподните автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“, требаше за една недела да се вклучат во јавниот градски превоз на некои од најфреквентните линии, откако ќе ја поминеа процедурата околу обезбедување на сите неопходни документи.
Препорачано
Токму поради грешки во документацијата тие сѐ уште стојат гаражирани, иако се неопходни за олеснување на градскиот превоз.
Уште на примопредавањето на налепниците беа воочени правописни грешки на албански и македонски јазик, па како што соопштија од Министерството за животна средина, откако грешките биле воочени изготвени се нови налепници од страна на УНОПС, кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шесте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје.
Но, поголем проблем настана поради грешки кои се однесуваат на бројот на шасијата на еден од автобусите како и бојата на автобусите, каде наместо црвена била впишана сина боја.
Поради тоа, на последната седница на Советот на Град Скопје беа изгласани две одлуки за надминување на овој проблем, едната е Одлука за изменување на Одлуката за примање донација од УПОС, а другата за изменување на Одлуката за пренесување на правото на сопственост на шест автобуси со компримиран природен гас на ЈСП Скопје, со кои се решаваат овие грешки во документацијата.
Град Скопје и УНОПС на ден 06.08.2024 година потпишаа Меморандум за разбирање со кој се согласија заедно да работат на проект кој има за цел подобрување на јавниот превоз. Донацијата од УНОПС се состои од 6 (шест) автобуси со компримиран природен гас (ЦНГ), со цел подобрување на јавниот превоз на жителите на град Скопје.Од страна на донаторот УНОПС до Град Скопје беше доставено барање за донација каде што е направен превид со гореизнесените измени, односно бројот на шасија за еден автобус не одговара целосно со документацијата добиена при испорака, како и бојата – наведуваат од Град Скопје во образложението на одлуките.
Дали ова беа последните пречки за донираните автобуси конечно да се најдат на скопските улици, останува да се види во следните денови.
Инаку и на последната седница на Советот која се одржа оваа година, на која беше изгласан буџетот на Град Скопје за наредната година, повторно, како и многупати досега не беа изгласани предлозите од градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови автобуси со пари од буџетот на Град Скопје, ниту предлогот за набавка на еколошки автобуси со кредитно задолжување на Градот од 930 милиони денари кај некоја од домашните банки. Со овие пари, доколку се прифатеше одлуката, би се набавиле 50-тина автобуси, но долговите би се отплаќале со години.
Ова не беше прифатливо за големото мнозинство советници, не само за оние од советничката група на ВМРО-ДСПМНЕ и коалицијата, туку и за советниците од СДСМ, чија координаторка Љубица Јанчева јавно кажа дека нема да гласаат за овој предлог.
Според неа, во услови кога е обезбеден кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој во кои е вкалкулирана набавка и на 60 еколошки автобуси, непотребно е ново кредитно задолжување на Градот.
Ни овие 60, ни евентуалните 50, ниту новите шест, ни оние 30 набавени пред три-четири години, не го исполнуваат ветувањето пред граѓаните од 250 автобуси – посочи Јанчева.
Но, со оглед на фактот дека на истата седница беше изгласана повисока цена за изминат километар кон приватните превозници, но и субвенции за ЈСП, граѓаните можат да бидат мирни барем извесен период, затоа што зимава колку толку има поредовен превоз, отколку во периодот кога со месеци приватните автобуси сообраќаа само после 17 часот или воопшто не возеа.


