Нови автобуси/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

ВИДЕО | ЈСП ги доби шесте екоавтобуси донирани од ЕУ, ќе возат по скопските улици од наредната недела

Станува збор за едноподни автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“, кои ќе се вклучат на некои од најфреквентните градски линии.

Шест нови еколошки автобуси денеска му беа донирани на ЈСП „Скопје“ во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“. Станува збор за едноподни автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“, кои отприлика за една недела, откако ќе се извадат сите неопходни документи, ќе се вклучат на некои од најфреквентните градски линии. Донацијата доаѓа со двегодишна гаранција за автобусите која вклучува и нивно сервисирање и резервни деловци.

Нови автобуси/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

На примопредавањето на автобусите денеска се обрати евроамбасадорот Михалис Рокас, кој нагласи дека тие ќе придонесат за намалување на загадениот воздух и дека треба да се работи на тоа што повеќе луѓе да користат автобуси наместо автомобили.

Транспортот е одговорен за големи емисии на јаглерод диоксид во воздухот. Треба да се охрабрат што повеќе граѓани да го користат јавниот превоз, наместо сопствените автомобили. Мора да го направиме јавниот транспорт помалку да загадува. Со обезбедување на овие шест автобуси целта на ЕУ е да даде приоритет и на самата удобност на граѓаните. Колку повеќе луѓе одбираат да користат јавен транспорт толку поголеми се шансите да ја зачуваме животната средина и да ги подобриме животните услови, рече меѓу другото Рокас.

Нови автобуси/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

За вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити оваа донација доаѓа во вистинско време затоа што со почетокот на грејната сезона и промена на временските услови се зголемува загадувањето на воздухот што влијае врз здравјето на луѓето.

Во оваа прилика сакам да најавам дека иако Министерството за животна средина и Владата работат во континуитет на реализација на долгорочните мерките за намалување на загадувањето, оваа година проектиравме и низа конкретни активности и ги насочивме сите расположливи ресурси во преземање конкретни мерки со кои ќе се постигне конкретен ефект во намалување на загадувањето. Планираме да набавиме 100 до 120 електрични автобуси за потребите на општините и на Град Скопје – нагласи Меџити.

Нови автобуси/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Градоначалничката Данела Арсовска посочи дека презентацијата на шесте автобуси е голем успех на Град Скопје и покажува дека кога градската администрација не е блокирана од никого е способна да спроведе нешто што е бенефит и за Скопје и за целата држава.

Таа се надева дека новите автобуси кои ќе возат по скопските улици ќе ги поттикнат советниците да гласаат за набавка на 250 нови автобуси, дека ќе ги поттикнат чекорот да го направат што поскоро, па дури и на следната седница на Советот.

Овој проект е навистина значаен за градот Скопје, значаен е затоа што во својот втор сегмент Скопје добива од ЕУ и 3000 садници, од кои првите 1000 ќе бидат засадени во мега паркот во Карпош кој е во третата фаза во изведба – рече Арсовска.

Во врска со загадувањето таа се пожали дека покрај Градот постојат уште 14 институции кои треба да работат на неговото намалување. Инспекторатот на Град Скопје, како што тврди Арсовска, има направено повеќе надзори и изречено повеќе казни и глоби од сите институции заедно со Државниот инспекторат за животна средина.

Нови автобуси/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот