Отпадот од големата депонија каде се прави мегапаркот е исчистен или затрупан?

Дали најголемата депонија во Скопје каде сега се прави мегапаркот меѓу Лепенец и прочистителната станица во Волково се чистела и дали е исчистена? Ако е исчистена каде е депониран отпадот? Зошто свесно се прекршени законите и процедурите за ваков битен проект и дали отпадот навистина е затрупан? Дали е вистина дека правниот субјект што учествувал во активностите за расчистување на депонијата воопшто не поседувал лиценца и дозвола за собирање и транспорт на отпад издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање?

Ова се дел од прашањата што на денешната седница на Советот на Град Скопје посветена на советнички прашања ги постави советникот Гордан Шутаров од СДСМ и коалицијата до градоначалничката и другите надлежни институции, откако како што рече во јавноста се проширила информација дека отпадот не е депониран туку закопан длабоко под земја, а дека и Државниот инспекторат за животна средина при извршени вонредни надзори констатирал многу пропусти. Еден од нив е дека, како што нагласи советникот, проектот е започнат без ниту еден документ.

Шутаров објасни дека за утврдените неправилности при вонредните надзори ДИЖС донел решение на 9 септември со кое се задолжува Град Скопје да поднесе извештај за намера за спроведување на проектот до Министерството за животна средина во рок од 30 дена од приемот на решението. За другите неправилности утврдени кај непосредните учесници во расчистувањето на дивата депонија Инспекторатот ќе поведе прекршочна постапка согласно Законот за управување со отпад.

Тој побара сите надлежни институции да го испитаат овој случај и да ги достават сите договори за изведување на овој проект, вклучително и извештајот за депонирање на исчистениот отпад, за да се увиди дали почвата, каде се прави мегапаркот е контаминирана.

Градоначалничката Данела Арсовска од говорницата негираше дека е точно тоа и нагласи дека на дивата депонија имало отпад во височина од 15 до 20 метри, кој е невозможно да се затрупа.

-Нормално дека си е соодветно депониран и тој одговор ќе го добиете. Меѓутоа многу поважни се моментите кога зборувате за контаминација. Дали изминатите 4 години таму граѓаните подобро живееја со дива депонија. Значи вие сте негувале дива депонија 4 години. Вие сте полнеле дива депонија 4 години. Дали живееле на контаминирана почва граѓаните пред една година или живеат сега? Секој месец по петпати се палела таа депонија, 50 000 метри квадратни дива депонија сте негувале четири години и сега има образ некој да излезе и да праѓа зоѓто ќе има мегапарк таму? Луѓето се среќни, може да се испита почвата и ќе видите дека не е ништо повеќе или помалку загадена од тие четири години кога сте дозволиле таму да се депонира отпад – обвини Арсовска како одговор на поставеното прашање.

Притоа градоначалничката не одговори прецизно дали ќе се достават извештаите за тоа дали и каде е депониран отпадот и колкаво количество, со оглед на фактот дека во јавноста циркулира информација дека од депонијата голема колку 11 фудбалски игралишта биле изнесени само осум камиони со отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот