Откривањето на гробницата на кралицата Нефертити во Египет е сѐ поблиску – тврди познатиот археолог Захи Хавас
Д-р Захи Хавас, археолог, египтолог, поранешен египетски министер за туризам и антиквитети, верува дека е блиску до откривање на долго изгубената гробница на египетската кралица Нефертити. За познатиот археолог, за неговиот живот и дело е снимен документарен филм „Човекот со шапка“, пишува „Лајв саенс“ (Live science).
Препорачано
Предвидувањата на д-р Хавас, еден од најпознатите археолози во светот, отсекогаш биле смели. Во нив, тој ја наведувал можноста за значајно откривање на гробницата на Нефертити, пред да се пензионира.
Филмот го истражува животот на еден светски познат египтолог и нè враќа 4.000 години назад во светската историја. Хавас ја истражувал мистеријата за смртта на Клеопатра и Тутанкамон, а како египетски чувар на антиквитети, тој е познат и како Индијана Џонс.
– Доколку го направам ова откритие, мислам дека би бил среќен да ја завршам мојата кариера со најважното откритие на најважната кралица на Египет, кралицата Нефертити – рекол Захи Хавас.
Нефертити била сопруга на Аменхотеп IV, фараонот кој владеел од 1353 до 1336 година п.н.е., кој во неколкуте години од своето владеење, спроведе револуција во областа на религијата, етиката, уметноста и погледот на светот и иницираше религиозна револуција чија цел беше да ја фокусира египетската политеистичка религија на обожавањето на Атон, сончевиот диск.
Хавас, како и некои египтолози, веруваат дека по неговата смрт, Нефертити владеела како фараон и се нарекувала себеси со ново име – Нефернеферуатен.
Хавас и неговиот тим со години ископуваат во Долината на кралевите во Египет. Тие претходно открија две гробници, познати како KV 65 (откриена во 2006 година) и KV 66, кои беа ограбени, веројатно во античко време. Првично, се сметаше дека KV 66 е комора на друга гробница, но дополнителните истражувања во 2015 година покажаа дека станува збор за посебна гробница.
Иако овие две гробници не фрлаат директно светлина врз гробницата на Нефертити, тие и другите откритија на тимот на Хавас укажуваат дека има позначајни откритија што треба да се направат во Долината на кралевите. Овие гробници се многу важни во мапирањето на голем дел од Долината и помагаат да се одреди областа каде што се наоѓа гробницата на кралицата Нефертити.
Ископувањата што сега се во тек се на исток од Долината на кралевите, во близина на гробницата на Хатшепсут, моќната сопруга на фараонот кој владеел помеѓу 1479 и 1458 година п.н.е. Истражувачите веруваат дека гробницата на Нефертити може да се наоѓа во таа област.
Враќањето на симболот на египетскиот идентитет во Египет
Хавас е вклучен во многу други проекти претставени во документарецот. Една иницијатива има за цел да се вратат Каменот од Розета (од Британскиот музеј), Зодијакот од Дендера (од Лувр) и бистата на Нефертити (од Новиот музеј во Германија) во Египет. Хавас верува дека овие три артефакти се симболи на египетскиот идентитет и дека нивниот дом треба да биде Големиот египетски музеј, кој се отвори во ноември.
– Би било исправно споменатите три предмети да се вратат во Египет, бидејќи Европејците донеле безброј артефакти од регионот на Нил во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. Овие непроценливи богатства биле однесени во приватни домови и музеи во Европа во време кога Египет често бил под контрола или силно влијание на европските сили – истакнал д-р Захи Хавас.
За документарецот „Човекот со шапка“ и Захи Хавас
Филмот е приказна за животот и делото на Хавас и се занимава со некои од контроверзиите во кои бил вклучен. Една од најсериозните се случила по египетската револуција во 2011 година, кога бил соборен долгогодишниот претседател Хосни Мубарак.
Во април 2011 година, Хавас беше осуден на една година затвор за непочитување на судска наредба поврзана со продавница во Египетскиот музеј, која подоцна беше поништена по жалба. Хавас не му дозволи на претходниот сопственик на продавницата да учествува во тендерот.
Египетските власти го истражуваа Хавас и по други жалби. Иако привремено му беше забрането да патува надвор од Египет, никогаш не беа покренати обвиненија, а во 2013 година повторно му беше дозволено да патува во странство.
Една од неговите први дестинации беше Кралскиот музеј на Онтарио во Торонто, каде што започна серија предавања насочени кон промовирање на туризмот во Египет.
Во документарецот, тој се занимава со ова и други контроверзии, наведувајќи дека како што станувал попознат, бил сè повеќе изложен на критики и напади. Тој вели дека дејствувал со интегритет во текот на целата своја кариера.


