Се откри од што починал Марк Брновиќ, несудениот американски амбасадор во Србија
Поранешниот државен обвинител на американската држава Аризона и несуден амбасадор во Србија, Марк Брновиќ, починал од срцев удар во понеделникот, објави „Асосиејтед прес“.
Препорачано
Колеги и пријатели на Брновиќ му оддадоа признание за работата во јавната служба, која опфатила функции како судија, обвинител, адвокат и директор на Одделот за игри на среќа на сојузната држава Аризона.
Поранешниот републикански гувернер на Аризона, Даг Дјуси, изјави дека страста на Брновиќ кон правото, правдата и жртвите била заштитен знак на неговата кариера.
— За сите нас, кои имавме благослов да го наречеме пријател, неговиот хумор, позитивност и борбен дух секогаш беа заразни. Нека почива во мир — напиша Дјуси на социјалната мрежа „Икс“.
Брновиќ, републиканец, беше во втор мандат како државен обвинител на Аризона кога неговата канцеларија водеше истрага за изборите во 2020 година. Аризона беше меѓу сојузните држави кои таа година ги доби Џо Бајден, со што на Доналд Трамп му беше оневозможен реизбор за претседател.
Трамп не го поддржуваше Брновиќ
Во април 2022 година, Брновиќ објави прелиминарен извештај во кој изрази загриженост за одредени изборни процедури, но не изнесе никакви докази за сериозни неправилности, и покрај шестмесечната истрага.
Во тоа време, Брновиќ бараше од републиканска номинација за место во американскиот Сенат и се соочуваше со остра критика од Доналд Трамп, кој тврдеше дека Брновиќ не прави доволно за да се гонат наводните изборни измами.
Брновиќ ја посакуваше поддршката од Трамп, но не ја доби.
Трамп се пишмани, не го праќа Марк Брновиќ за американски амбасадор во Србија
Ги прикривал наодите дека изборите биле спроведени чесно
Кога актуелната државна обвинителка на Аризона, Крис Мејз, стапи на должност, соопшти дека Брновиќ ги прикривал наодите на своите истражители. Мејз наведе дека документите покажуваат оти изборите во 2020 година биле „спроведени чесно и точно од страна на изборните службеници“.
Документите што ги објави покажуваат и дека Брновиќ задржал посебен меморандум кој систематски ги побивал теориите на заговор за изборите што се вкорениле на десницата, вклучително и тврдења за мртви или двојни гласачи, однапред заокружени гласачки ливчиња донесени од Азија, изборни сервери поврзани на интернет, па дури и манипулации преку сателити под контрола на италијанската војска.
Мејз на мрежата „Икс“ напиша дека ја растажила веста за ненадејната смрт на Брновиќ и истакна дека тој посветил многу години на јавната служба. Таа изрази сочувство до неговата сопруга Сузан и нивното семејство.
Брновиќ ги загуби републиканските внатрепартиски избори за место во американскиот Сенат во 2021 година.
Во видео-снимка со која ја најави својата кандидатура, Брновиќ се опиша како син на имигранти кои побегнале од комунизмот во Југославија. Тој наведе дека својата позиција државен обвинител ја користел за да се спротивстави на „ортачки капитализам“ и на пречекорување на овластувањата на власта, а истовремено се залагал за верски слободи, безбедност на границите и интегритет на изборите.
Во април, Трамп го номинираше Брновиќ за амбасадор на САД во Србија, но во октомври ја повлече таа номинација.


