Фото: Froilán I de España / „Икс“ / Принтскрин

Откриена е причината за чудната железничка несреќа во Шпанија?

Експертите, кои ја истражуваат причината судирот меѓу двата воза во Шпанија, во кој загинаа најмалку 39 луѓе, пронашле скршена спојка на шините, изјави извор запознаен со првичните наоди од истрагата.

Излетаните вагони се судриле со воз што доаѓал од спротивната насока, при што и вториот воз бил исфрлен од шините и се стркалал по насип, во една од најтешките железнички несреќи во Европа во поново време, објави „Ројтерс“.

Несреќата се случила во близина на Адамус, во јужната покраина Кордоба, на околу 360 километри јужно од главниот град Мадрид.

Техничарите на теренот, кои ги анализирале шините, идентификувале одредено абење на спојката меѓу деловите од шината, што, според нив, укажува дека дефектот постоел подолг период, наведе изворот.

Тие утврдиле дека неисправната спојка создала јаз меѓу деловите од шината, кој постепено се зголемувал додека возовите продолжувале да сообраќаат по пругата.

Изворот, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на истрагата, изјавил дека техничарите сметаат оти токму оваа неисправна спојка е клучна за утврдување на точната причина за несреќата.

ВИДЕО | Во судир на два воза во Шпанија, 39 загинати, стотина повредени

 

Шпанската Комисија за истрага на железнички несреќи (ЦИАФ), која е задолжена за целокупната истрага, засега не одговорила на барањата за коментар. Ниту шпанскиот железнички оператор „Адиф“ ниту Министерството за транспорт на Шпанија, кое ја надгледува работата на ЦИАФ, не одговориле на прашањата на медиумите.

Претседателот на компанијата „Ренфе“ којашто управувала со вториот воз што излета од шините, Алваро Фернандес Ередија, за радиото „Кадена сер“ изјави дека е прерано да се зборува за причините, но додаде дека несреќата се случила под „чудни околности“ и дека „човечката грешка е речиси целосно исклучена“.

Првите вагони од возот на шпанската компанија „Ирјо“ поминале преку јазот на шините, но осмиот и последен вагон излетал од шините, повлекувајќи ги со себе и седмиот и шестиот вагон, навел изворот.

„Ирјо“ е приватен железнички оператор, во мнозинска сопственост на италијанската државна железничка група „Феровие дело стато“.

Изворот посочил и фотографија на која се гледа јазот во вертикалниот дел од шината, а која била објавена и од шпанската Цивилна гарда. Местото е обележано со полициски ознаки и било фотографирано од форензичките истражители.

Меѓу владините претставници, кои во понеделникот наутро го посетиле местото на несреќата, биле и шпанскиот премиер Педро Санчес и министерот за транспорт Оскар Пуенте. Санчес ја откажал својата посета на Светскиот економски форум во Давос поради несреќата.

Пуенте изјави дека возот на „Ирјо“ бил стар помалку од четири години, а дека пругата била целосно реновирана минатиот мај.

Производителот на возот, „Хитачи рејл“, извршил редовна техничка инспекција на 15 јануари и не утврдил никакви аномалии, изјави изворот за „Ројтерс“.

ВИДЕО | Во судир на два воза во Шпанија, 39 загинати, стотина повредени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот