Отиде во пензија судијата Јани Нича, кој десет месеци одлучуваше за прислушувањето, по што на Мијалков му застари делото

Судијата во Апелацискиот суд, Јани Нича, се пензионираше, пред Судскиот совет да донесе било каква одлука за одговорност на судиите на кои им требаа повеќе од десет месеци да донесат одлука за првостепената пресуда за случајот „Трагет – Тврдина“, односно за масовното прислушување што резултираше со укинување на дванаесетгодишната затворска казна за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Нича беше претседател на судечкиот совет кој ја донесе одлуката за укинување на пресудата за најважниот предмет од аферата со масовното прислушување, пишува „Фокус“.
Судија-известител во овој предмет беше судијата Енвер Беџети, а во петорката беа и тројцата судии Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
Работната група од Судскиот совет којашто во декември беше во вонредна работна посета на Апелација, констатираше, а Судскиот совет едногласно ги усвои овие заклучоци дека нема образложени причини за изминување на толку долг период од јавната седница до донесување на одлуката.
Девет месеци им требало на судиите да одлучат од одржувањето на јавната седница за овој предмет до донесувањето на одлуката, со што создале услови за застарување на постапката, што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка. Информации за текот на постапката, Работната група побарала од судијата известител за случајот, Енвер Беџети кој е надлежен за динамиката на движење на предметот, особено по завршувањето на јавната седница и утврдиле дека Беџети ги решил сите предмети од висок јавен интерес, а предметот за Мијалков го чувал во фиока, односно тој бил единствен што не го решил.
-Како причини за оваа состојба беа наведени големиот број на предмети и тоа вообичаено тешки предмети од висок јавен интерес кој според АКМИС му биле распоредени на судијата известител. Тоа е видно и од уписникот, го проверивме. Неспорен е фактот дека нормата месечна ја исполнувал, но она што го констатиравме дека од сите предмети кои му биле распоредени во работа на судијата известител, од итен караректе и висок јавен интерес единствено „Таргет-тврдина“ е незавршен предмет. И покрај тоа што имал голем обем на работа, тој има завршувано предмети со понов датум, дури и дадени предмети од 2022 година“, рече Тања Чачарова-Илиевска, која беше дел од работната група.
Нича беше дел од судечкиот совет кој ја укина пресудата и за случајот „Трезор“ заедно со судиите Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски, Лидија Зимбовска и Гордана Сајковска.
И во овој предмет, работната група формирана од Судскиот совет констатираше дека нема образложени оправдани причини за тоа што пет месеци се изработувала одлуката. За овој предмет исто така беше осуден Мијалков, а Апелација ја укина неговата осумгодишна казна за уништувањето на опремата за прислушување.
Судскиот совет донесе заклучок дека неразумно долго било постапувано во случаите, но тоа не значеше дека ќе има одговорност за некои од судиите. Овој извештај, како што беше нагласено од членовите што ја правеле контролата, е за да се констатира фактичката состојбата.