Осумнаесет години без нашиот „Бисер балкански“: На денешен ден засекогаш нè напушти Гоце Николовски
На денешен ден во 2006 година, засекогаш не напушти легендарниот Гоце Николовски, познат по еден од неговите најголеми хитови „Бисер Балкански“. Гоце е роден во 1947 година во Скопје, кариера ја започнува на 16 години, додека живеел во Ниш, како победник во тогаш популарната емисија „Максиметар“ со што ја навестува својата музичка кариера.
Препорачано
Почнува во групата „Рубинси“, но многу брзо преминува во тогаш најпопуларната нишка поп-рок група „Далтони“, а нивната песна „Рука од сна“ и денес често може да се чуе на нишките радиостаници.
Својата популарност како музичар и пејач во Македонија ја достигнува во 1990 година кога на Фолк Фест Валандово за прва пат ја изведува легендарната македонска песна „Бисер балкански“. Песната ја добила првата награда на фестивалот, по што станала голем хит и широко прифатена од македонската публика и од македонскиот народ воопшто. Со оглед на тоа дека е отпеана во времето на распадот на Југославија, Македонците ја прифатиле како симбол на својата независност и сувереност, а во дијаспората честопати била изведувана како македонска химна.
Гоце често бил нарекуван и бисер балкански, по името на својата песна. Низ годините, Гоце Николовски издал и неколку други песни како „Серенада‘, „Приказна за Ангелина“, „Запејте сите ангели“, „Бисера“, „Песна од земја далечна“.
Неговата популарност била особено голема во Австралија и Канада. Поради придонесот за македонската заедница во Австралија, Николовски бил прогласен за почесен граѓанин на Аделаида, а градоначалникот на овој град му доделил почесен „клуч на градот“, а повеќето ТВ и радиостаници од Македонија и дијаспората посмртно му доделија награди за животно дело.
Неговиот голем хит „Бисер балкански“ во 2000 е прогласен за песна на векот во Македонија. Поради својот придонес за македонската народна музика, Гоце Николовски спаѓа во редот на најголемите музички имиња во македонската историја.


