Осум запуштени јавни површини ќе станат зелени плоштади – Слободен печат
ВестиСкопје

Осум запуштени јавни површини ќе станат зелени плоштади

Решенијата што ќе бидат понудени на повикот треба да ги отсликаат претходно подготвените концепти кои тимот на „Скопје лаб“ ги изработи врз база на спроведеното етнографско истражување со граѓаните на Скопје.

Осум јавни површини во Скопје ќе се уредуваат како зелени скверови. Веќе десетина дена тече јавниот повик кој го објави Град Скопје за изработка на проектна документација за нивно уредување, односно се бараат архитектонски и инженерски услуги, услуги за просторно планирање и инженерски услуги за уредување на земјиштето, поврзани научни и технички советодавни услуги, услуги за технички испитувања и анализа. 

Станува збор за просторот спроти „Рамстор“ на булевар „Јане Сандански“, до автобуска постројка, како и површината до слаткарница Палма каде што е планиран „Парк со летниковец“ , во Општина Аеродром. Проектна документација се бара и за зелен простор кај Мартиновски под Кале, за потегот покрај булевар „Кузман Јосифовски – Питу“, од Народна банка до мостот „Мајка Тереза“ на реката Вардар, а паркови се предвидени и пред амбулантата „Млин Балкан“ и на Архитектонскиот факултет. Ќе се уредува и зеленилото на аголот помеѓу булеварот „Илинден“ и улицата „Никола Тесла“ и просторот кај Пожарна во Карпош.

Сите заинтересирани граѓани, кои ги исполнуваат зададените критериуми за учество во тендерската постапка, имаат уште три дена да поднесат предлог понуда, до четврток 22 август, кога ќе се одржи јавно отворање на понудите во просториите на Град Скопје.

Решенијата што ќе бидат понудени на повикот треба да ги отсликаат претходно подготвените концепти, кои тимот на „Скопје лаб“ ги изработи врз база на спроведеното етнографско истражување со граѓаните на Скопје.

Тимот на Центарот за иновации „Скопје лаб“ во изминатиот период работеше на иницијативата за редизајнирање на зелени јавни површини и паркови преку која градот Скопје ќе уреди зелени површини кои досега не беа доволно искористени, а за да обезбеди подобар јавен простор за релаксација, одмор и дружење за граѓаните, а воедно и да помогне во разубавување на градот.

На површините се предвидени клупи, чешми, цвеќиња, осветлување и разновидни креативни простори, дел од нив наменети и за децата.

Во оваа прва фаза ќе се уредуваат осум јавни зелени површини,  но од Градот се надеваат дека иницијативата ќе продолжи и понатаму со оглед на заинтересираноста на граѓаните, како и на останатите јавни, приватни и граѓански организации да помогнат во уредување на ваквите површини.

Иако Центарот за иновации подготви само шест предлог концепти, кои беа изработени врз основа на добиените одговори во процесот на теренско и онлајн истражување кое се спроведе во периодот август – септември 2018 година,  поради тоа, како што објаснуваат од „Скопје лаб“ што се обезбедени дополнителни средства, повикот се прошири на осум јавни зелени површини.

Интересно е што во јавниот оглас не е наведена проценетата вредност, односно не е прецизирано колку пари е подготвен да потроши Градот за оваа намена. Критериум според кој ќе биде доделен договорот, како што стои во огласот ќе биде – најдобар однос меѓу цена и квалитет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close