Осум гола во Севиља: Моќна Барса, хет-трик на Феран Торес и лекција од Бетис за чест до последен судиски свиреж
Барселона славеше со убедливи 5:3 на гостувањето кај Бетис во Севиља и ја зацврсти лидерската позиција во Ла Лига, со четири бода повеќе од Реал Мадрид, но и со одигран натпревар повеќе. Бетис остана на петтото место по третиот пораз во првите 15 кола од сезоната.
Препорачано
Домашните одлично го отворија мечот и поведоа по само пет и пол минути игра. Нападот по левата страна донесе мешаница во казнениот простор, а топката преку Кучо Ернандез и Форналс стигна до Антонио, кој силно ја заби под пречката за 1:0.
Барселона не се вознемири по примениот гол и одговори експресно – само пет минути подоцна. Брза акција по десниот фланг, преку Јамал и Кунде, заврши со прецизен центаршут што Феран Торес го претвори во гол за 1:1.
Само две минути подоцна, каталонците направија нов хаос по десната страна и изведоа уште поубава акција. Овојпат Рони одлично центрираше, а Феран Торес со волеј од шест метри донесе пресврт – 1:2.
Во 31. минута Барса ја круниса доминацијата. Педри маестрално го пронајде Рони, кој продре во шеснаесетникот и силно шутираше под пречка – 1:3.
Каталонците не застанаа. Во 39. минута Феран Торес го комплетираше својот хет-трик. Неговиот удар од околу 18 метри го закачи Барта, што ја измами домашната одбрана, а топката заврши во долниот лев агол – 1:4.
Бетис ја имаше првата вистинска шанса дури во самиот финиш од полувремето, кога Рибал одлично центрираше, но Ернандез за малку шутираше покрај стативата.
Во второто полувреме Барселона рутински го контролираше натпреварот и ја заврши работата со уште еден погодок. Во 59. минута по играње со рака на Барта, по проверка на ВАР, судијата Месо досуди пенал што Ламин Јамал го реализираше за 1:5.
Каталонците имаа уште неколку шанси. Феран Торес беше на чекор од четврти гол, а Маркус Рашфорд во 87. минута испушти зицер-шанса.
Само минута претходно Бетис го намали резултатот на 2:5 преку Диего Љоренте по асистенција на Абде Езалзули. Во 90. минута домаќините добија и пенал по прекршок на Кунде, а прецизен беше Кучо Ернандез – 3:5.
Во последните секунди Бетис имаше уште една голема можност преку Абде, но не успеа да ја искористи. Барса од Севиља се враќа со големи три бода и нова уверлива партија, а Бетис со гордоста дека не се предаде до самиот крај, и покрај високото водство на гостите.


