Опасноста од најчестите летни инфекции: Најмногу ги погодува децата на возраст од 4 до 12 години
Во потоплиот период од годината, болестите предизвикани од ентеровирусите се најчестите акутни заразни болести. Ентеровирусите поради начинот на преносот (фекален, орален пат), најчесто се поврзуваат со повраќањето и дијарејата (пролив), но, тие можат да предизвикаат низа различни болести.
Препорачано
Ентеровирусот е летна вироза која најчесто ги погодува децата на возраст од 4 до 12 години. Ентеровирусите можат да предизвикаат и различни здравствени состојби, од безопасен осип кај малите деца до летни настинки, енцефалитис и заматен вид. Важно е да ги откриете навреме и да ги сфатите сериозно.
Како се шири ентеровирозата?
Ентеровирозата е класифицирана како респираторна болест и се шири со близок контакт со заразено лице, а често се наоѓа во респираторните секрети (на пр. плунката), па затоа се пренесува со кивање, кашлање или преку заразена вода.
Може да се прошири со валкани раце, односно со допирање предмети или површини на кои е присутен вирусот, а потоа со допирање на устата, носот или очите. Болеста демне и во базените со заразена вода. Ентеровирусот брзо се пренесува меѓу членовите на семејството.
Најчестите симптоми на ентеровироза се:
– ненадеен пораст на телесната температура (и до 40 степени Целзиусови)
– повраќање и дијареја
– главоболка
– болки во мускулите
– болни меурчиња или ранички по мекото непце, а постои можност и за ширење на
меурчињата на слузницата на устата
– освен меурчињата во устата, може да се појават и ситни јазли на стапалата и
дланките, а во периодот на вирозата (3-5 дена), децата најчесто одбиваат да одат
поради болката, како што често одбиваат и храна
– вкочанетост на вратот
– можна е и појава на конјуктивитис
– воспалението на мозочните обвивки е посериозна последица на ентеровирусот,
како и воспалението на мозокот (енцефалитис).
Лекување
Со оглед на тоа што за лекување на ентеровирозата нема посебен лек, терапијата е симптоматска. Најважно е да се намали телесната температура, да се внесуваат доволно течности, како и мирувањето, што воедно е и основата на лекувањето. Најопасната нуспојава на благите летни вирози е дехидратацијата, затоа исклучително е важно константно да се хидрира организмот. Ако е во прашање мало дете, најдобро е, сепак, да се посоветувате со лекар во рок од 24 часа од појавата на симптомите, бидејќи бебињата побрзо дехидрираат.
Летните вирози просечно траат од три до пет дена што во голема мерка зависи и од клиничката слика, како и од имунолошкиот статус на детето. Лесно може да се препознае по неспецифичните температури.
Почетокот им е ненадеен и бурен, а децата имаат температура помеѓу 38 и 40 степени Целзиусови, истоштени се и понекогаш се жалат на главоболка со пролив и повраќање.
Повеќето ентеровирусни инфекции се клинички незабележливи или поминуваат како блага фебрилна болест. Болниот треба да се јави прво кај својот лекар. Лекарот е потребно да го посетите само во случај ако детето е малаксано и ако не успевате сами да го рехидрирате, бидејќи повраќа и има пролив. Најголем број случаи се лекуваат со симптоматската терапија, примена на нaдоместување на течностите како и земање пробиотици и антипиретици. Преглед кај виролог бараат само особено тешките облици на болеста. Ентеровирусните болести обично спонтано поминуваат. Кај постарите лица, хроничните болни, лицата со ослабен имунитет, може да дојде до влошување на основните болести, што бара одредени мерки на лекување.
Исхрана кај ентеровирозата
Бидејќи ентеровирусот може да предизвика сериозни проблеми во стомакот и повраќање, напаѓајќи го имунолошкиот систем, важно е да се обрне внимание на исхраната која по правило е иста како и кај другите стомачни и желудочни вирози.
Кога ќе престане повраќањето или дијарејата, треба строго да се внимава на внесот на храната во организмот, која не смее да биде пржена, мрсна, премногу слатка, премногу солена или зачинета. Исто така, треба да се избегнуваат млечните производи, белиот леб и печивата.
Добри опции се лесните супи од зеленчук, кашичките од јаболко или банана во комбинација со житарки, двопек, варено месо, компир, ориз итн. Со текот на времето, можете да продолжите да додавате и други намирници коишто секако мора да бидат добро зготвени.
Не е потребно да се воведе никаква строга диета, особено кога станува збор за деца, бидејќи така може само да се продолжи траењето на болеста. Забранети се единствено мастите и шеќерите, а другата храна мора да биде варена и лесна. Важно е да се следи што му одговара на дете и да се поттикнува да јаде барем нешто што би обезбедило доволно енергија.
Како да се спречи ентеровирозата?
Постојат неколку едноставни методи кои можат да го намалат ризикот од инфекција со ентеровирусите.
– Мијте ги рацете со сапун и вода дваесет секунди, возрасните особено по
менувањето на пелените.
– Избегнувајте го допирањето на очите, носот и устата со неизмиени раце.
– Избегнувајте бакнување, гушкање и делење на пијалаци или оброци со луѓе кои
се болни.
– Дезинфицирајте ги често допрените површини (како што се играчки и кваки,
мобилни телефони, таблет), особено ако некој е болен.
– Останете дома кога се чувствувате болни и консултирајте се со лекар.


