Опасни сигнали на албанскиот национализам

Божидар Миљовски, Фото: Архива

И сега Ахмети бара влада во која Албанците ќе ги држат клучните места. Јас тоа би го нарекол уцена на македонскиот народ. Не знам дали ќе се најде Македонец кој би ја прифатил, под било какви услови.

Се вратив од Америка во Македонија за да помогнам. Пред и по изборите објавив во неколку колумни за тоа каде може да помогнам и сеќавања од наши населени места кои ги запамтив по извонредниот соживот помеѓу Македонци и Албанци. Предложив владата да биде главно – стопанска. Одеднаш бомба од ДУИ, односно од Ахмети: влада со премиер Албанец, спикер Албанец, гувернер Албанец, министер за внатрешни Албанец… Овие се опасни сигнали за албанскиот национализам во Македонија. И веднаш првите реакции: Нухиу, привремениот министер за внатрешни работи дава наредба за албански натписи на  униформите на полицијата. Господинот Џафери, поранешен официр на КОС во ЈНА, подоцна и во македонската армија, командант во ОНА, министер за одбрана, а сега како спикер, по налог на ДУИ, те го свикува, те не го свикува парламентот, како да е негов.Е мои браќа Албанци, вака ли ќе живееме заедно?

Во далечната 1982 година имав во ГИМ гостин од Загреб, колега, па решив да му ја покажам Македонија. Во Тетово запревме во Текето, а понатаму за секое село ме прашуваше како се вика. Јас му читав сè македонски имиња, а тој коментира: „види Божа овде има две џамии, оваа е со две минариња!“ На влезот во Скопје ме праша како се вика овај град, му одговорив – Скопје. Тој се насмеа: „по 50 години овај град ќе се вика Шкуп“. Го прашав зошто и тој ми одговори: „затоа што сите села низ кои поминавме во Западна Македонија имаа македонски имиња, а сегде гледавме џамии, тоа значи дека во нив живеат Албанци“.

Јас ова би го нарекол тивко постепено менување на демографската карта на Македонија. Прво, за време на војната, беше формирана балистичка држава со центар во Гостивар со крволочниот Џемо, и во Кичево и Зајас со Мефаил. Под теророт на балистите многу македонски фамилии ги напуштија своите домови бегајќи во делот на Македонија под бугарска окупација. Масовно населување на Македонија со Албанци се случи на два пати. Првиот пат од 1954 до 1958 година кога 250.000 еманципирани Турци, граѓани на Македонија, масовно се исселија во Турција. Нивните имоти ги запоседнаа Албанци од Македонија, од Косово и од Санџак. Вториот голем скок на албанската популација го овозможи Црвенковски,  кој за да победи на изборите во 1994 година даде огромен број државјанства на Санџаклии. Четвртиот процес се случи во 2001 година во борбите по кои уследи Охридскиот рамковен договор за правата на Албанците. Тој, генерално е добар, но наметна и нерегуларни обврски. Никој нема против правата на Албанците кои се во малцинство. Според тој договор учеството на Албанците во администрацијата треба да биде пропорционално на процентот Албанци во вкупниот број население. Тоа е логично и неспорно. Но, гледајте парадокс: се вработија илјадници Албанци, а бидејќи немаше физички простор (маси, столици…) голем дел примаа плата и со години седеа дома. А идејата беше постепено, како што се зголемува потребата од нови вработувања, на тие места да се вработат Албанци. Глупоста е во тоа што договорот е лошо сфатен и применет со присилно вработување.

Гоподинот Ахмети, кој има 15 пратенци или 12 проценти од вкупниот број пратеници, а бара огромен број места во владата. Од каде толкава ароганција? Дали од нетрпеливоста на ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ, дали затоа што бил командант на ОНА или поради тоа што некој друг го поддржува? По 2001 година цело време бара двојазична Македонија, го блокира судењето за Телеком, не сака  да каже ниеден збор на македонски… И сега бара влада во која Албанците ќе ги држат клучните места. Јас тоа би го нарекол уцена на македонскиот народ. Не знам дали ќе се најде Македонец кој би ја прифатил таа уцена, под било какви услови.

Драги мои читатели има толку многу области во кои може да и помогнам на Македонија, но „бомбата“ на Ахмети ме вчудоневиде и знам дека реагирам импулсивно со ова мое кусо обраќање!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот