„Онион“ ја купува пропаднатата платформа „Инфоворс“ на Алекс Џоунс, ќе ја прави пародија на самата себе
„Инфоворс“ е во ликвидација откако семејствата на жртвите од масакрот во основното училиште „Сенди Хук“ добија тужби вредни стотици милиони долари против Џоунс, а тоа ја банкротираше неговата компанија.
Најпознатиот американски и светски сатиричен медиум, „Онион“, поднесе нова понуда со план за преземање на „Инфоворс“, пропаднатата платформа на десничарскиот промотор на теории на заговор, Алекс Џоунс, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Наместо комплетно купување, како во претходниот неуспешен обид, овојпат се предлага договор со лиценца, со кој „Онион“ би објавувал сопствена сатирична содржина на платформите на „Инфоворс“, со цел да ги исмева теориите на заговор. Предлогот треба да биде одобрен од судија, а Џоунс најави дека ќе му се спротивстави.
„Инфоворс“ е во ликвидација откако семејствата на жртвите од масакрот во основното училиште „Сенди Хук“ добија судски пресуди вредни стотици милиони долари против Џоунс, а тоа ја банкротираше неговата компанија. Контроверзниот водител со години тврдеше дека нападот, во кој загинаа 26 луѓе, бил „измама“ и „лажно режиран настан“, но подоцна призна дека убиствата навистина се случиле.
Џоунс прогласи банкрот во 2022 година, а во 2024 суд нареди ликвидација на неговиот личен имот. Подоцна „Онион“ се обиде да ја купи компанијата, но зделката беше поништена поради забелешки за аукциската постапка.
Според најновиот предлог, лиценцата би траела шест месеци, со можност за продолжување. Извршниот директор на „Онион“, Бен Колинс, изјави дека евентуалниот профит би им припаднал на семејствата на жртвите од „Сенди Хук“.


