Џо Роган остро го критикува Трамп: Војната во Иран е луда, Американците се чувствуваат предадени од него
Едноставно изгледа толку лудо. Доналд Трамп водеше кампања со порака „нема повеќе војни: да ги завршиме овие глупави, бесмислени војни“. А сега имаме една војна за која не ни можеме јасно да објасниме зошто ја почнавме, рече поткастерот Џо Роган
Влијателниот поткастер Џо Роган во вторникот изјави во својата емисија дека „војната во Иран е луда“ и дека „ги натерала Американците да се чувствуваат предадени од претседателот Доналд Трамп“, опишувајќи го конфликтот како остар пресврт од политиките со кои претседателот водеше кампања, пишува „Њујорк тајмс“.
Препорачано
– Едноставно изгледа толку лудо. Тој водеше кампања со порака „нема повеќе војни: да ги завршиме овие глупави, бесмислени војни“. А сега имаме една војна за која ни не можеме јасно да објасниме зошто ја започнавме – рече Роган, кој го поддржа Трамп во 2024 година и вели дека повремено сè уште разменува пораки со него.
Роган му даде силен поттик на Трамп во последните денови од кампањата во 2024 година, снимајќи пријателско тричасовно интервју со него и потоа објавувајќи поддршка непосредно пред изборите. Но, откако Трамп се врати на функцијата, Роган повремено го критикуваше претседателот и во последните месеци се чини сè поскептичен кон администрацијата.
Во декември, Роган новата плоча во Белата куќа со критики кон поранешниот претседател Џо Бајден ја опиша како „толку луда“. Во јануари, пак, рече дека пукањето во Рене Никол Гуд од страна на агент на имиграциската служба во Минеаполис изгледало „на многу начини погрешно“, споредувајќи ја федералната имиграциска акција во најголемиот град на Минесота со методите на нацистичкото Гестапо.
Сепак, критиката што ја изнесе во вторникот беше невообичаено директна.
Споредувајќи ја војната во Иран со американската воена операција во јануари во која беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро, Роган рече дека „ни едното ни другото нема никаква смисла“, но дека апсењето на Мадуро било „барем чисто“.
– Одат таму, го киднапираат, го извлекуваат надвор. Ова е лудило – рече тој.
„Политико“: Венс бил резервиран за воената акција на Трамп против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во соопштение изјави дека претседателот „храбро ги штити САД од смртоносната закана што ја претставува одметнатиот ирански режим и тоа е најчист пример за „Америка на прво место“.“
Поткастот на Роган, „Џо Роган експериенс“, е најпопуларниот на „Спотифај“. Неговите политички ставови се сложени: во 2020 година го поддржа сенаторот Берни Сандерс во демократските прелиминарни избори, а самиот вели дека не е регистриран во ниедна политичка партија. Неговата емисија не е строго политичка, туку мешавина од комедија, импровизирани разговори и размислувања за несекојдневни теми како квантната механика.
Но, неговите десничарски ставови по некои прашања, заедно со огромниот досег — неговата последна епизода имала повеќе од 350.000 прегледи на „Јутјуб“ уште до средата наутро — го направија важен глас во конзервативната политика.
Неговата критика доаѓа во момент кога 12-дневната војна се заканува да создаде политички проблеми за партијата на Трамп на претстојните среднорочни избори.
Анкетите покажуваат дека конфликтот е непопуларен кај повеќето Американци, а скокот на цените на нафтата предизвикан од војната ги стави републиканците во дефанзива.
Неколку познати конзервативни поткастери остро се спротивставија на војната, меѓу нив Такер Карлсон, Мегин Кели и Кендис Овенс, која оваа недела објави епизода со наслов „Доналд Трамп ја предаде Америка“, што собра повеќе од два милиони прегледи на „Јутјуб“.
Но, можеби ниеден поткастер од која било политичка ориентација нема толкав досег и влијание како Роган.
Трамп и самиот претходно го признал тоа.
– Тој е најголемиот што постои – изјави Трамп во 2024 година.
ВИДЕО | Објавена е снимка: американски „томахавк“ удира кај школото во Иран во кое изгинаа девојчиња


